Наш главен приоритет во моментов се подобрување на инфраструктурата, реновирање, поправање на старите и дотраени стадиони или изградба на нови, потоа на ред ќе дојде ВАР, вели Филип Поповски, генералниот секретар на ФФМ

На дербито Шкендија – Вардар (1-0) во неделата имаше спорен момент, кога по ударот на Филип Најдовски во 38-та минута топката, според ТВ-снимка, завршила зад гол-линијата, но судиите проценија дека топката не ја поминала гол-линијата. Доколку постоеше системот видеоасистент-судија (ВАР), видеотехнологијата што успешно го положи тестот на Светското првенство (СП) лани во Русија, ќе имаше реакција веднаш по случката. Но дали е реално изводливо и исплатливо воведувањето ВАР на стадионите во Македонија, како во Хрватска, на пример, каде што од сезоната 2019/2020 ќе го има на сите стадиони.

– Наш главен приоритет во моментов е подобрување на инфраструктурата, реновирање, поправање на старите, дотраени стадиони, од кои повеќето и не заслужуваат така да се нарекуваат, па потоа ќе размислуваме за ВАР. Кога ќе се подобри состојбата со стадионите, за што треба да придонесат сите, од државата, општините, градовите, и кога ќе имаме нови, помодерни стадиони, тогаш на ред ќе дојде аплицирањето за некаков грант за воведување ВАР, кој полека станува многу битен. Знаеме дека Хрватите работат на тоа поле, контактираме со нив, сега ни останува да видиме какви ќе бидат нивните искуства и што ќе можеме ние во иднина да примениме од тоа кај нас – вели генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски.

Хрватска, светскиот фудбалски вицепрвак, ќе биде првата земја од регионот каде што од следната сезона ќе се користи ВАР. На тоа се согласиле 10-те прволигаши на чии стадиони ќе се инсталира таа технологија за која нема да платат. Процените се дека воведувањето на ВАР ќе ги чини меѓу еден и еден и пол милиони долари. Трошоците би ги покрила ФИФА (80 отсто), преку проектот „ФИФА форвард“, како и Хрватскиот фудбалски сојуз (20 отсто).

Покрај инсталирањето на видеотехнологијата, хрватските клубови ќе треба да направат и некои поправки на стадионите, како што е изградба на „соба за видеосудиите“. Исто така, ќе биде потребна и дополнителна обука за судиите во ВАР-просторијата и на теренот.

ВАР, кој се употребува при четири спорни ситуации (гол, пенал, црвен картон и замена на идентитет), сезонава почна да се применува од нокаут-фазата во Лигата на шампионите, ќе се користи во финалето на Лига Европа, на Суперкупот на УЕФА, на завршниот турнир на Лигата на нациите во јуни и на завршниот турнир на Европското првенство за фудбалери до 21 година. ВАР беше во употреба и на ланското СП во Русија и, според оцените на ФИФА, се покажал „речиси совршено“. Оваа технологија се користи и во повеќе национални фудбалски лиги, како во Шпанија, Германија, Италија, Франција, Белгија, Холандија, Полска, Португалија, Турција, Кина, Австралија, Мексико, Јужна Кореја и во САД. Во Англија дебитира во ФА-купот, а од следната сезона ќе се користи и во Премиер-лигата.


Успешно деби на видеотехнологијата во ЛШ

По првите четири осминафинални меча во ЛШ, во Манчестер, Рим, Амстердам и во Лондон, УЕФА, поточно шефот на судискиот оддел, Италијанецот Роберто Росети, соопшти дека првичните искуства со ВАР биле повеќе од задоволителни.
– Технологијата функционираше беспрекорно, а судиските тимови беа на највисоко ниво, што е доказ дека повеќемесечната напорна работа не била залудна – рече Росети.
Првиот битен спорен случај во ЛШ во кој беше инволвиран ВАР се случи на мечот Ајакс – Реал, кога на Ајакс му беше поништен гол откако при прегледот на снимката се утврди дека еден играч бил во офсајд и оти голманот на Реал бил попречуван и не можел да интервенира. Л.Д.