Нема сомнение дека натпреварите ќе се играат зад затворени врати, така што организаторите на мечевите треба да развијат медицински протоколи, протоколи за обука, протоколи за натпревари. Но невозможно е да се одговори на прашањето кога ќе почне пак да се игра. Никој ги нема овие одговори, вели Алберто Коломбо, заменик-генерален секретар на Европските лиги
Фудбалот без сомнение ќе продолжи, зад затворени врати, без публика, но невозможно е да се каже кога ќе биде тоа, велат од здружението на Европските лиги (ЕЛ). Алберто Коломбо, заменик-генерален секретар на ЕЛ, која претставува 36 европски лиги, рече дека суспендирањето на сезоната поради пандемијата на коронавирус е огромен удар.
За огромното мнозинство членови на здружението, приоритет е продолжување на натпреварите, а „мал број“ земји, вклучувајќи ја и Белгија, размислуваат за откажување на првенствата. Клубовите од Премиер-лигата треба да се состанат денеска, за да разговараат за ситуацијата, но тешко дека ќе стане збор за точни датуми за продолжување на сезоната, во која остануваат уште девет кола. Минатата недела германските клубови станаа првите во Европа што им се вратија на тренинзите, а има најави дека натпреварите во Бундес-лигата би продолжиле во првата половина од мај.
– Треба да се продолжи со тренинзите. Нема сомнение дека натпреварите ќе се играат зад затворени врати, така што организаторите на натпреварите треба да развијат медицински протоколи, протоколи за обука, протоколи за натпревари. Но невозможно е да се одговори на прашањето кога ќе почне пак да се игра. Никој ги нема овие одговори. Сите знаеме дека владите на државите се одговорни за укинување на различните ограничувања што се однесуваат и на спортот – вели Коломбо.
Германија веќе спроведе повеќе дијагностички тестови за брисеви, за да утврди дали некое лице е заразено со коронавирус. Италијанската фудбалска федерација се надева дека ќе почне со тестирање на играчите на вирусот во почетокот на мај, како дел од подготовките за продолжување на сезоната. УЕФА за следната недела закажа нова видеоконференција за следните чекори во справувањето со кризата.
Мечеви зад затворени врати
Многу експерти изразија сомневање во тоа дали во блиска иднина може да се игра фудбал пред многу публика. Пандемијата на коронавирусот ги затвори стадионите низ светот и постои неизвесност за тоа кога ќе продолжи фудбалската сезона.
– Она што луѓето треба да го разберат, епидемиолошки кажано, е дека секој човек што ќе го додадете во толпа народ, создава ризик. Потребни се само неколкумина во таа мешаница од 60.000 луѓе за таму да постои опасност да се случи нешто големо. Како научник, мразам да кажам дека некогаш сум 100 отсто сигурен за нeшто, но јас сум толку блиску до 100 отсто дека не можеме да се вратиме на полни стадиони додека не создадеме вакцина. А најдобрата претпоставка е околу 18 месеци, иако може да биде малку побрзо или подоцна – изјави за британскиот „Тајмс“ Зак Бини, епидемиолог од универзитетот „Емори“, а пренесе шпанска „Марка“.
За некои експерти играњето фудбал пред многу публика зависи од тоа дали голем дел од општеството може да добие имунитет на ковид-19.
– Има многу смисла фудбалот на полни стадиони да не се врати додека не се појави вакцина од гледна точка на превентивната медицина. Во однос на колективниот имунитет, се смета дека, ако е тој голем, нема да има голема опасност да се отворат стадионите за големи настани – вели за „Марка“ Карлос Алберто Аренас Дијаз, специјалист за превентивна медицина и јавно здравје. Г.И.