Британецот Луис Хамилтон (34), возачот на Мерцедес, со освоеното второ место на трката во САД на две трки до крајот од шампионатот, шести пат стана светски првак во Формула 1 (Ф1). Со тоа тој е вториот најуспешен возач во историјата на Ф1, само со една титула помалку од Германецот Михаел Шумахер. На оваа листа Хамилтон го претекна легендарниот Аргентинец, Хуан Мануел Фанџо, кој има пет титули светски првак од 50-тите години од 20 век.
– Исполнет сум со толку многу емоции. Чест е да се биде меѓу великаните на овој спорт. Кога имав шест или седум години, татко ми ми кажа дека никогаш не треба да се откажувам. Тоа е нашето семејно мото. Често повторував дека не ми е цел да го достигнам Шумахер, бидејќи не сум од оние што се оптоваруваат со рекорди и слично. Не размислувам ниту за нови титули, најбитно ми е што добро се чувствувам и имам намера во иднина да продолжам со исто темпо – рече Хамилтон, кој забележа 10 победи на 19-те трки сезонава.
За Хамилтон ова е трета титула по ред, петта за шест години (2008, 2014, 2015, 2017, 2018 и 2019). Тој има 83 гранпри-победи, осум помалку од рекордните 91 на Шумахер. Хамилтон има повеќе пол-позиции од Шумахер, рекордни 87, наспроти 68. Кога станува збор за најбрзо извозени кругови, Хамилтон ја дели третата позиција со Финецот Кими Раиконен (по 46), далеку зад Шумахер, со 77. Секоја сезона Хамилтон забележува во просек по 10 победи, победува на секоја трета трка, а досега извозе 248.
– Мислам дека за него нема ограничување. Тој уште е многу мотивиран, што може да се види дека сака да победи на секоја трка. Само треба да му обезбедиме добар болид. Сѐ додека е така, верувам дека ќе постигнува нови победи – вели Тото Волф, директорот на Мерцедес и човекот што има удел во пет од шест титули на Хамилтон.