Животни
Не е изненадување што правосмукалката е најголемиот непријател на кучињата, но се покажа дека има и други апарати за домаќинство до кои нашите четириножни пријатели не сакаат да се најдат во близина.
Студијата на „Компеар д маркет“ покажа дека четири од пет кучиња се плашат барем од еден домашен апарат. На прво место од уредите што домашните миленици не ги поднесуваат е правосмукалката (45 проценти). Потоа следуваат фенот за коса (24 отсто), косилката за трева (21 отсто) и машината за перење (15 отсто). На петто место е блендерот (13 проценти).
Уредничката на „Фјучр хоумс“, Хејб Хатон, вели дека нејзиното едногодишно кученце Вилоу е секогаш многу опседнато со правосмукалката.
– Не би рекла дека ја мрази, но штом ја вклучам, таа налетува и почнува да ја гризе – вели таа.
Затоа Хејб на своето милениче му нуди позабавна игра додека го чисти станот со правосмукалка. Можете да подготвите картонска кутија за кучето со неколку задоволства во неа. Ветеринарката Хедер Венкат вели дека сопствениците на домашни миленици треба да ги запознаат своите кучиња со звуците што ги произведуваат домашните апарати. Почестувањето на кучето додека работи уредот ќе му помогне да изгради позитивна врска со бучниот апарат.