Здрава храна
Смоквата е едно од најрано одгледуваните овошја од човекот, а не само што е вкусна туку има и голем број здравствени придобивки. Смоквата често се нарекува медитеранско рајско овошје, бидејќи е едно од најздравите овошја воопшто. Богата е со голем број фитонутриенти, витамини и антиоксиданти. Потекнува од Мала Азија, а се одгледува уште пред пченицата. Смоквите му припаѓаат на семејството дудинки, а плодовите доаѓаат во три бои: зеленикаво-жолта, виолетова и од темновиолетова до црна.
Сувите смокви се богати со диетални влакна и се природен лаксатив за спречување запек и други дигестивни проблеми. Имаат малку калории и се идеална ужина за сите што сакаат да ослабат. Смоквите спречуваат хипертензија и се идеално овошје за враќање на рамнотежата. Една сува смоква содржи 129 мг калиум и само 2 мг натриум, а помага при хипертензија.
Спречуваат срцеви заболувања, благодарение на високото ниво на антиоксиданти, кои помагаат да се елиминираат слободните радикали што ги оштетуваат крвните садови, а помагаат и за намалување на нивото на триглицериди. Поради богатството со калциум, помагаат за подобрување на густината и силата на коските. Високата содржина на влакна ги прави смоквите добри за луѓето со дијабетес. Сувите смокви се богат извор на железо. Една сува смоква може да обезбеди 2 отсто од дневната потреба за железо. Според античката литература, Грците ги користеле смоквите како природен афродизијак и се сметале за свето овошје, кое било тесно поврзано со плодноста и со љубовта.