Речиси и да нема технолошка компанија што не започнала со некакво тестирање на вештачка интелигенција. Благодарение на програмите како ЧетГПТ, Бард, ДАЛЛ-Е и многу други, веќе ги видовме различните и мошне импресивни можности на оваа технологија, а вештачката интелигенција во својата апликација планира да имплементира и „Вотсап“.
Веќе можеме да видиме што планира компанијата по примерот на најновата бета-верзија, во која е достапна алатка базирана на вештачка интелигенција, која ви овозможува да креирате свои налепници. Кога пишувате нова порака, кога ќе кликнете на опцијата за налепници, бета-верзијата сега покажува и копче „креирај“. Со кликнување на него се отвора тастатура каде што можете да напишете каква налепница сакате да направи вештачката интелигенција. Овие налепници ќе можат да се користат во кореспонденција со други корисници преку оваа платформа.
Иако оваа опција сѐ уште се тестира, односно е достапна во бета-верзијата на „Вотсап“, не треба да има сомнеж дека „Вотсап“ планира да ја имплементира во официјалните верзии за андроид и ајфон. Можеме да претпоставиме дека оваа опција ќе биде една од најпопуларните новитети на „Вотсап“ бидејќи корисниците ќе можат да прават персонализирани налепници за секоја личност, ситуација или група во која се допишуваат.
Оваа опција моментално е достапна за мал број корисници за тестирање и се чини дека ќе помине извесно време пред да биде достапна за сите. Може да очекуваме уште една тест-фаза што ќе им биде достапна на корисниците на тест-верзијата на оваа платформа, а потоа налепниците со вештачка интелигенција треба да се појават и на официјалните верзии на „Вотсап“.