Научниците создадоа имплант што овозможува лекови да бидат впумпани во мозокот. Овој концепт на имплант би можел масовно да го прошири видот на третман и на невролошки болести, мозочни удари и рак. Принципот на кој работи имплантот е како систем на вентил што е прицврстен настрана на черепот. Концептот беше развиен од истражувачи од Бристол, како дел од истражување за испитување лекови што го финансира „Паркинсонс УК“. Резултатите од спроведените истражувања покажуваат умерени до големи подобрувања кај пациентите со Паркинсонова болест, но мала разлика помеѓу оние што го примаат третманот, познат како невротрофичен фактор на генерирана глијална клетка, или ГДНФ, и пациентите на кои им бил даден плацебо. Ова значи дека придобивките за подобрување во состојбата на пациентите може да му се припишат на плацебо-ефектот или некој друг фактор на третманот, независно од лекот. Иако имаше некои ветувачки знаци на раст на нервите, иднината на лекот е неизвесна. Но други независни истражувачи велат дека, без оглед на резултатите на ГДНФ, имплантот може да има многу поширока примена, на пример експериментот покажа дека може безбедно да се користи за лекување мозочни заболувања на сосема нов начин.

– Ова е значаен напредок во нашата способност да ги третираме невролошките состојби, како што е Паркинсоновата болест, бидејќи повеќето лекови што можат да дејствуваат не можат да преминат од крвотокот во мозокот поради природната заштитна бариера – вели професорот пронаоѓач на имплантот Стивен Гил од „НХС Траст“ во Северен Бристол.

Експериментите веќе се во тек и се развива систем за проток на лековите. Овој систем обезбедува вшприцување моќен лек за хемотерапија директно во мозокот кај децата и возрасните со неизлечиви тумори на мозокот, минимизирајќи ги штетите на другите делови од мозокот. Откако е вграден, единствениот видлив дел од системот е малиот влез, кој е веднаш зад увото. По секоја трета сесија, системот на пумпи се стерилизира и се прицврстува во влезот, лековите се доставуваат преку фини цевки, кои се движат преку површината на мозокот и водат кон целните делови.

Кристин Проктор вели дека овој експеримент за неа е еден од најголемите ризици што ги има направено, но дека сакала да учествува, бидејќи во моментов нема други опции што би овозможиле застој или забавување на напредокот на болеста. Таа, инаку, е заболена од Паркинсонова болест.

– Мислам дека ова е најголемиот ризик што го имам преземено во животот. Но тоа е мој ризик, моја одлука и се работи за мене. Помислив на моето семејство, син ми е израснат, имам две мали внучиња, па си реков дека сѐ уште сакам живот, добар живот. Звучи како некој да ми остри молив во мојата глава. Но кога сондата е вметната и ќе почне испумпувањето на лековите, нема некакво чувство за тоа во мозокот. Ова е возбудливо, но и застрашувачко искуство. Една од потенцијалните последици може да биде смрт. Операцијата и одолжениот анестетик се опасни по животот. Но, сепак, го направив овој подвиг затоа што бев себична. Го направив за себе, затоа што сакам Паркинсоновата болест да исчезне – вели Кристин Проктор, пациентка што го се лекува со овој метод.

Истражувачите се надеваат дека ГДНФ, хемикалија произведена природно во телото, за која се покажа дека помага да се врати оштетувањето на нервите, може да ги регенерира невроните ако се впумпува директно во путаменот. Путамен е структура со големина на орев во средниот мозок погодена од Паркинсонова болест. Тој е одговорен за производството на допамин, клучен невротрансмитер, кој е од суштинско значење за координирање на движењата, како и за формирање меморија. Смртта на овие неврони во Паркинсоновата болест предизвикува постепена дегенерација, која обично започнува со координација на движењето, изрази на лицето и држење на телото, но на крајот влијае на други нешта, како што се деменција и смрт.

Се очекува во текот на секоја година пациентите да забележат пад од една точка, но пациентите што добиваат ГДНФ всушност ги забележаа подобрувањата за околу четири поени во првите девет месеци и девет поени над сите месеци. Но разочарувачки е податокот дека ГДНФ е само маргинално повисок отколку на оние што примале плацебо. Сепак, новиот пристап овозможува отворање нови врати за други истражувања што ќе го користат истиот концепт.