Медицински совет

Понекогаш ни служи како предупредување дека сме дехидрирани, дека сме ненаспани, дека треба да прошетаме на чист воздух или да се откажеме од алкохолот и цигарите. Меѓутоа, главоболката може да сигнализира и дека треба да посетиме лекар и дека нешто се случува во нашето тело. Издвојуваме некои знаци дека главоболката може да биде потенцијално опасна, доколку инаку сте во добра здравствена состојба.
Мачна и досадна главоболка: Главоболката што е досадна, силна и неподнослива и не исчезнува кога земате лек против болки може да биде знак за болест, грип, мигрена и други нарушувања што треба да се лекуваат.
Главоболка само на еден дел од главата: Ако ве боли само еден дел од главата, тоа може да е резултат на воспалителна болест. На пример, ако имате инфекција на синусите, може да почувствувате болка само во предниот дел на главата, челото и очите.
Ненадејна и силна главоболка: Доколку не сте склони кон главоболки, а имате ненадејна и силна главоболка, задолжително посетете лекар. Тој ќе утврди дали станува збор за воспалителен процес, нарушување на цервикалниот ‘рбет или инфекција што ја предизвикала необичната болка.
Главоболка проследена со конфузија: Лицата што имаат мигрена често доживуваат други ефекти освен главоболки. Ако болката е придружена со општа конфузија, слабост и чувствувате дека треба веднаш да легнете, може да имате периодична главоболка што треба да се дијагностицира.
Главоболка придружена со гадење и повраќање: Гадењето е уште една последица на мигрената, но може да биде и показател на болест или воспаление.