Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Синдромот на нервозно дебело црево погодува меѓу шест и 18 отсто од луѓето низ светот, а тој процент рапидно се зголемува во последниве години.
Ова функционално нарушување на дигестивниот систем вклучува промени во зачестеноста или шемата на празнење на дебелото црево и болка во долниот дел на стомакот, пренесува „Хелтлајн“.
Неправилната исхрана, стресот, лошиот сон, генетската предиспозиција и промените во цревните бактерии може да предизвикаат појава на симптоми, но предизвикувачите се различни за секој човек, што само уште повеќе го отежнува пронаоѓањето на причината. Имено, експертите објаснуваат дека понекогаш може да поминат години пред да се дојде до конечната дијагноза.
Најчести симптоми на синдромот на нервозно дебело црево се: абдоминални болки и грчеви, дијареја, запек, промени во обликот и бојата на столицата, надуеност, нетолеранција на храна, замор и проблеми со спиењето, анксиозност и депресија.
Луѓето што се борат со овој синдром често се жалат дека оваа непријатна болест ги спречува да живеат нормален живот. Избегнуваат јадење и пиење на јавни места, избегнуваат долги патувања и дружење, а за некои одењето на работа е ноќна мора, бидејќи често мора да одат во тоалет.
Доколку забележите такви симптоми што не исчезнуваат долго време, експертите препорачуваат да посетите гастроентеролог, кој, доколку е потребно, ќе ви помогне да ги идентификувате предизвикувачите и да разговарате за начините за контрола на симптомите. Промените во животниот стил, како што се исхраната со малку јаглехидрати, избегнувањето стрес, вежбањето, земањето пробиотици и хидрираноста може да помогнат. Од друга страна, експертите советуваат луѓето со синдром на нервозно дебело црево да избегнуваат дигестивни стимуланси како што се кофеинот, алкохолот и засладените пијалаци, бидејќи тие можат само да ја влошат и онака лошата состојба.