Медицински совет
Човечките емоции се сложени, ни се чини дека некои добри поминуваат за кратко време, додека на негативните им нема крај. Научниците побараа од 233 испитаници да се потсетат на нивните неодамнешни емоционални искуства, да го пријават времетраењето на тие чувства и да ги откријат своите стратегии за справување. Од 27-те емоции, тагата се покажа како најдолготрајна – трае 240 пати подолго од одвратноста или срамот. Стравот и одвратноста обично траеле околу 30 минути, додека омразата во просек траела 60 часа.
Преболувањето на раскинувањето, губењето на саканата личност или општо чувство на тага може да биде огромно токму поради времетраењето, објаснуваат истражувачите. Тагата често се поврзува со настани со големо влијание, како што се смрт или несреќи, кои им даваат на луѓето потреба да размислуваат за тоа што се случило и да се справат со последиците. За да ги истражат времетраењето и интензитетот на емоциите, професорите Филип Вердујн и Саскија Лаврисен од Универзитетот во Лувен во Белгија побарале од 233 студенти да се потсетат на неодамнешните емотивни епизоди и да забележат колку долго траеле. Учесниците одговараа и на прашања за стратегиите што ги користеле за да се справат со овие емоции. Резултатите покажале дека тагата траела најдолго, додека срамот, изненадувањето, стравот, гадењето, досадата и олеснувањето поминувале побрзо. Обично биле потребни 120 часа за да исчезнат чувствата на тага, додека чувството на гадење и срам траело само 30 минути. Омразата траела во просек 60 часа, а радоста 35 часа. Досадата, иако изгледа како да трае долго, всушност е краткотрајна емоција.
Истражувањето, објавено во списанието на Спрингер, „Мотивација и емоции“, е првото што нуди објаснувања зошто некои емоции траат подолго од другите.
Научниците исто така откриле дека емоциите со пократко траење обично произлегуваат од настани што немаат големо значење за личноста, додека подолготрајните емоции произлегуваат од настани со важни лични последици. Професорот Вердујн додава дека последиците од ваквите настани понекогаш се откриваат само со текот на времето, поради што емоциите се продолжуваат и се засилуваат. Се покажа дека траењето на емоциите е димензија што може да разликува слични емоции. На пример, истражувањето покажа дека чувството на вина трае значително подолго од срамот, додека анксиозноста трае подолго од стравот.
Времетраење на одредени емоции, според истражувањето:
Тага: 120 часа
Омраза: 60 часа
Радост: 35 часа
Очај, надеж, вознемиреност, разочарување, задоволство: 24 часа
Љубомора: 15 часа
Олеснување: осум часа
Ентузијазам: шест часа
Восхит и благодарност: пет часа
Релаксација: 4,3 часа
Вина: 3,5 часа
Стрес: три часа
Гордост: 2,6 часа
Наклонетост: 2,5 часа
Гнев, досада, изненадување: два часа
Нервоза: 1,3 часа
Сочувство: 1,3 часа
Понижување: 0,8 часа
Страв: 0,7 часа
Срам, одвратност: 0,5 часа