Пред неговата смрт во 2014 година, Габриел Гарсија Маркез рекол дека книгата е „бескорисна“ и дека „треба да биде уништена“, а десет години подоцна неговите синови тврдат поинаку
Необјавената книга „До август“ на починатиот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркез, кој го популаризираше жанрот на латиноамериканскиот магичен реализам, се појави во книжарниците годинава, спротивно на неговата желба. Синовите на авторот, Гонзало и Родриго Гарсија Барча, во Мадрид го претставија романот „До август“ од 120 страници, кој нобеловецот го напиша во 2004 година. Романот беше објавен на роденденот на Гарсија Маркез, а на 12 март се појави и на англиски кај издавачот „Пингуин рандом хаус“.
Пред неговата смрт во 2014 година на 87-годишна возраст, Гарсија Маркез рекол дека книгата е „бескорисна“ и „треба да биде уништена“. Но неговите синови го прегледале ракописот и оцениле дека тој има книжевна вредност што авторот можеби не ја забележал во последните неколку години од неговиот живот, обележани со губење на меморијата.
Добитник на Нобеловата награда за литература во 1982 година
– За мене тоа значи дека сите дела на Габриел се објавени, ништо не чека и во таа смисла тој го затвори циклусот – изјави синот Гонзало.
Гарсија Маркез е запаметен, меѓу другото, по книгата „Сто години самотија“, епски роман што му помогна да ја добие Нобеловата награда за литература во 1982 година.
Новата книга е за Ана Магдалена Бах, која секој август оди на островот со траект за да го посети гробот на мајка си и таму носи нов љубовник за една ноќ. Семејството на Гарсија Маркез смета дека книгата, иако авторот не ја доработил во финеси, сепак ги носи препознатливата убава проза и неговото длабоко познавање на човекот.
„Изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, „Се гледаме во август“, излезе и на македонски јазик, истовремено со целиот свет. Книгата, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, веќе е достапна во книжарниците.
Романот го добивме и на македонски
Десет години по смртта на легендарниот колумбиски писател, книгата излезе од печат на неговиот роденден (6 март) во повеќе од 30 земји во светот. Со личната заложба на неговите синови Родриго и Гонсало Гарсија Барча и уредникот Кристобал Пера, во вакво синхронизирано објавување на романот учествуваше и издавачката куќа „Арс ламина“, која го објави во едицијата „Современи класици“, која содржи уште седум други класици од Маркес. Преводот од шпански јазик го направи Огнена Никуљски.
– „Се гледаме во август“ е кус роман напишан во заводлив, фасцинантен и препознатлив стил на Маркес. Секој август, на точно определен датум, Ана Магдалена Бах заминува на островот каде што е погребана нејзината мајка со букет гладиоли. За време на овие патувања, макар на една ноќ, таа станува некоја друга, а нејзиниот внатрешен свет станува сосема поинаков – вели македонскиот издавач.
Габриел Гарсија Маркес (1927-2014) е еден од најзначајните прозаисти на 20 век. Добитник е на Нобеловата награда за книжевност во 1982 година. Кон крајот на својот живот, Маркес работел на овој роман додека се борел со деменција. Во неговите последни денови, тој одлучил дека ова дело не треба да биде објавено по неговата смрт. Сепак, неговите синови одлучија книгата да биде објавена.