Изложба на академскиот сликар Трајче Чатмов ќе биде отворена на 19 мај, во 20 часот, во „Бифе Тафталиџе“. Ќе бидат изложени 35 дела на хартија на Чатмов.
Тој во своето творештво негува експресионистички ликовен израз, за кој вели дека му дава максимална слобода да заборави на техничките ликовни правила и едноставно да му се посвети на ловење на мигот, воден од моменталната лична експресија. Чатмов раскажува едноставни приказни и прикази што во моментот ги има на располагање како внатрешна вистина.
– Човечки приказни, секојдневни моменти, банални прикази на основните човечки пориви и чувства. Изрази на љубов, обични прегратки заробени во богат колорит со изразени гестикулации, кои и покрај својата гротескност не служат за потсмев, туку, напротив, како прикази на основниот меѓучовечки контакт. Зачувувајќи го моменталниот проблесок на идејата, се дава можност да се допре до бруталната вистина, универзална искреност на која и самиот автор не се сеќава. Таа можност што ја поседува уметникот е дарбата што мора да ја искористи – вели Чатмов.
Неговите слики имаат впечатлив колоритот, кој е суштествено поврзан со приказната што се раскажува и е помошно средство за да се нагласат некои елементи со што би се истакнала драматиката во приказот, нагласувајќи ги чувствата што треба да бидат пренесени, а кои гледачот треба да ги доживее.
– Не следејќи ги традиционалните сликарски принципи, цртежот доаѓа редоследно по чистата боја, на која само ѝ дава облик и го допрецизира приказот. Наивноста што се трудам да ја постигнам во моите дела се граничи на моменти со недостижната детска наивност во приказот на вистината, но сепак сум свесен за обременетоста на возрасниот човек со целиот свој социолошко-психолошки багаж – вели уметникот.
Трајче Чатмов (1971 г.) ја започнува академската наобразба во 1992 година, со запишување на Факултетот за ликовни уметности, во класата на професорката Ана Темкова. Своето усовршување го продолжува повторно во областа на уметноста, но овој пат проширена во делот на филозофијата, и своите постдипломски студии ги завршува под менторство на професорот Родољуб Анастасов – сликарство и филозофија (естетика), под менторство на професорот Кирил Темков. Имал самостојни изложби во Скопје, Велес, Битола, Врање и во Белград (Србија), а учествувал и на повеќе групни изложби низ Македонија и надвор: Германија, Полска, Словенија, Србија, Бугарија, Дубаи… Покрај со сликарство, се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм, за што и има добиено неколку награди во 1997/1998 година (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“). В.Д.