Со проекција на „Носферату, симфонија на стравот“, филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, вечерва, во 20 часот, во летното кино, Кинотека го започнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм, кој ќе трае до 7 септември. Во 14 термини ќе бидат прикажани три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау; два со Бастер Китон, „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм; мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер; по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте; како и домашното документарно наследство „Филмски новости“ (1945 – 1948). На последната вечер на фестивалот во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филма во чест на Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Оваа проекција на филмовите „Русалиски обичаи во Гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки, со чија финансиска помош тие беа дигитализирани и дигитално реставрирани.
На програмата се и филмовите „Фауст“ и „Патување во ноќта“ на Мурнау. Можеби ќе звучи како интересна паралела што актерот Вилхелм Дитерле, кој во филмот „Фауст“ го игра Валентин, братот на Гречен, во 1930-тите години емигрирал во САД и направил светска кариера како режисер и актер под името Вилијам Дитерле. Во богатата кариера го режирал и „Дубровски“ (1959; според истоимената новела на Александар С. Пушкин за руската варијанта на Робин Худ) како копродукција помеѓу „Вардар филм – Скопје“ од Македонија и „Хеспериа филм – Рома“ од Италија.