Наградуваниот роман „Градина од стакло“ од романската писателка Татјана Цибуљак беше претставен со онлајн промоција на фејсбук-страницата на „Арс ламина“. На промоцијата, покрај авторката Цибуљак, зборуваа и уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски, кој ја преведе од романски јазик.
Книгата „Градина од стакло“, која е добитник на наградата на Европската Унија во 2019 година, е еден од насловите за кои на конкурс во организација на „Арс ламина“ се избираше дизајн за корици за новата едиција „Порта Европа“. Жирито го избра за победничко решението на Андреј Лавчански.
„Градина од стакло“ е восхитувачки раскажана приказна за животот на „малите“ луѓе во заднината на големите историско-политички промени со распадот на СССР, за идентитетот, за различноста, за борбата на една цела женска генерација да пронајде свое пристојно место во суровиот свет. Ова е роман за едно девојче сирак, кое ќе успее во животот. Иако главната тема имплицира ризик од мелодраматичност, авторката ја избегнува стапицата, пишувајќи стилско ремек-дело. Русинкатa Тамара Павловна ја посвојува Ласточка од сиропиталиште и ја принудува да собира празни шишиња и да ги мие, во еден двор на чуда во Кишинев во осумдесеттите години на минатиот век, каде што рускиот, романскиот и молдавскиот јазик се континуирано предизвикани од секакви животни приказни. Приказната на Ласточка содржи неколку теми: потрага по идентитет, станување жена и мајка, заедно со интензивна оркестрација на чувствителноста и огорченоста и на љубовта и омразата.
Татјана Цибуљак е родена во 1978 година во Кишинев, Република Молдавија, и по националност е Молдавка и Романка. Првпат го привлекува вниманието на јавноста во 1995 година, како авторка на колумната „Вистински приказни“ во дневниот весник „Флукс“. Од 2008 година живее во Париз. Како писателка дебитира во 2014 година со збирката раскази „Модерни бајки“, издадена од издавачката куќа „Урма Та“ во Кишинев. Во 2017 година го објавува првиот роман „Летото кога мајка ми имаше зелени очи“ и добива голем број награди.