„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Црвена вода“ од современиот хрватски писател Јурица Павичиќ, во превод од хрватски јазик на Катерина Богоева. Романот „Црвена вода“ доби две високи книжевни награди во Хрватска и дури шест награди во Франција.
Во романот е раскажана приказна за исчезнувањето на седумнаесетгодишно девојче, кое го снемува во една септемвриска сабота во 1989 година, по рибарскиот фестивал во мало гратче на далматинскиот брег. Полициската потрага не дава резултати, а околните политички настани – падот на системот, општествените промени и војната – го засенуваат исчезнувањето на девојчето, кое за јавноста паѓа во заборав. Но семејството, таткото, мајката и братот близнак се единствените што сè уште ја бараат исчезнатата Силва. „Црвена вода“ е роман што опфаќа период од 27 години и ја следи натамошната судбина на луѓето поврзани со исчезнувањето, од членовите на семејството, осомничените, до инспекторите на комунистичката милиција. Низ нивните судбини, романот опфаќа три децении од животот во Хрватска и ги отсликува општествените процеси, промени и состојби во земјата.
Романот „Црвена вода“, кој не е класичен криминалистички роман, е добитник на наградата „Фриц“ за најдобра прозна книга објавена во Хрватска во 2017/2018 година. Добитник е и на наградата „Ксавер Шандрор Ѓалски“ на Хрватското друштво на писателите за најдобро прозно дело во 2017/2018 година. Беше номиниран за наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобар роман на штокавските јазици во 2017/2018 година. Беше номиниран меѓу најдобрите пет хрватски романи што се натпреваруваа за наградата на „Т-портал“ за најдобар роман во 2017 година.
Преведен е на германски, француски, италијански и на словачки јазик. Во Франција, каде што беше објавен во 2021 година, се стекна со висока популарност и освои дури шест награди: „Европска поларна точка“, за најдобар криминалистички роман од европски автор, напишан на француски или преведен на француски јазик, „Трансфуга“ за најдобар странски криминалистички роман објавен во Франција, која ја доделува истоимениот месечник за култура, 73-та Голема награда за детективска литература за најдобар странски криминалистички роман, „Награда за мистерија на критичарите“ за најдобар странски криминалистички роман објавен во Франција што ја доделува магазинот „Мистери“, наградата „Мишел Вита“ за најдобар странски криминалистички роман доделена од магазинот „813“ и наградата „Либра ну“ за најдобар криминалистички роман во 2022 година, доделена од француските независни книжарници.
Јурица Павичиќ (1965, Сплит) е хрватска романсиер, сценарист, раскажувач и новинар. Книжевната репутација ја доби со своите раскази, трилери и криминалистички романи, во кои ја меша општествената анализа со мрачната визија за човековата природа и сложените морални ситуации. Добитник е на повеќе книжевни награди. Негово најпознато и најнаградувано дело е романот „Црвена вода“ (објавен во 2017 година), особено по преводот на француски јазик. Во литературата се појавува во 1997 година со општествениот трилер „Овци од гипс“ и тој е првиот роман во Хрватска што ја третира темата за воените злосторства извршени од Хрватите. Врз основа на романот е снимен филмот „Сведоци“ (2004). С.Ј.