Песната „Куклици“ на македонскиот автор Андреј Ал-Асади ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на „Струшките вечери на поезија“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот. Жирито, во состав Елена Пренџова (претседателка), Игор Трпчески и Биљана Стојановска (членови), во своето образложение вели дека станува збор за песна со цврста структура.
– Наградата „Енхалон“ за 2022 година му се доделува на Андреј Ал-Асади за песната „Куклици“. Во избор за наградата беа песни од повеќемина млади, но етаблирани македонски поетеси и поети со изграден впечатлив авторски потпис. Жири-комисијата ја избра песната „Куклици“ од Андреј Ал-Асади поради оригиналниот поетски спев со кој се наметна. Имено, „Куклици“ претставува т.н. заумна поезија; станува збор за песна со цврста и стегната структура и силна звучност. Стихот е вешто граден, распореден во строго формирани строфи, а звучноста е комбинација од мајсторски рими, алитерации, асонанци и внатрешни стиховни созвучја, креирани во духот и менталитетот на јазикот. Ваквата структура на песната наметнува соодветна интерпретација, која, пак, упатува на визуализација на стиховите во умот на слушателите. Конечно, заумната песна на Ал-Асади ни кажува дека станува збор за поет-мајстор на стиховите, кој длабоко ја осмислува и обмислува својата песна до совршенство – пишува во образложението на комисијата.