Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2023 година од областа на ликовната критика. Комисијата во состав Елена Вељановска, Владимир Јанчевски и Тихомир Топузовски одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ да се додели за проектот „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“ на Нада Пешева, заради важноста, актуелноста и акутноста на истражувачката проблематика.
Прашањето за видливоста на жените авторки и реиспитување на позицијата на жената во светската уметничка сцена, е дел од новите политики и тенденции и во современата светска ликовна критика и теорија, а прашањето за учеството на жената како авторка во современата ликовна сцена е предмет на интерес и кај нас особено во периодот по 1990-тите. Оттука, истражувањето се фокусира на женското учество во современата уметничка сцена, со посебен осврт на квалитетот и квантитетот на културните политики во стимулирање на учеството на жените во современата ликовната/визуелната уметност во Македонија во периодот на 1990-тите години, но и степенот на инклузивност на родови теми во рецентната уметничка продукција.
Нада Пешева (1976, Скопје) дипломирала на Катедрата на историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на темата „Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград, Србија (2013). Во моментот е докторантка на Катедрата за културолошки студии на Институтот за македонска литература, УКИМ.