Книгата „Малиот Бог на земјотресот“ на Денчев, која ќе биде промовирана во три града, претставува прекрасна приказна што проникнува во скриените односи на животот
Во следните денови бугарскиот писател Петар Денчев гостува во три македонски града за да го претстави преводот на своето дело „Малиот Бог на земјотресот“ на македонски јазик. Турнејата почна во вторникот, во „Јуроп хаус Струмица“, каде што Далибор Плечиќ го модерираше настанот со овој значаен автор од најновата генерација. Денеска Денчев ќе гостува во Скопје во книжарницата „Антолог“ – Центар од 19 часот. Настанот ќе го модерира Пепи Стамков, а освен авторот, ќе се обрати и преведувачот Душко Крстевски. На 30 и 31 мај Петар Денчев ќе биде гостин и на Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово, во организација на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Настаните се реализирани со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, а книгата на македонски јазик е објавена во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, кофинансиран од програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ на Креативна Европа на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
„Малиот Бог на земјотресот“ претставува прекрасна приказна што проникнува во скриените односи на животот. Книгата започнува како и многу други: со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Таа го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненадено, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така, навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф, кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје.
Петар Денчев (1986) е бугарски писател и театарски режисер. Дипломирал театарска режија и поставил претстави во најголемите театри во Бугарија. Книжевното деби го прави со раскази и поезија, кои веднаш се наградени или номинирани на разни конкурси. Автор е на книги поезија, раскази и романи. Има објавувано речиси во сите бугарски весници и списанија, како и во американското „Литл бокс магазин“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Преведен е на неколку јазици.