Преполн МКЦ за отворањето на „Букстар“
Со инспиративното обраќање на писателката Лидија Димковска, насловено „Со или без Please“, минатата вечер, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, беше отворено деветтото издание на фестивалот на европска литература „Букстар“, на кое гостите и публиката исто така беа поздравени и од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, кој ѝ ја додели наградата „Букстар“ на Наџат ел Хачми (Шпанија) за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.
– Реалноста нѐ вознемирува и непоканета и неповикана и, секако, без учтив тон. Реалноста нѐ урива како земјотрес, нѐ гори како пожар, нѐ разнесува како цунами, нѐ топи како санта мраз, нѐ повредува како сообраќајна несреќа, нѐ измачува како неизлечива болест, нѐ убива како војна – вака го почна своето обраќање Димковска за да заклучи дека во уметноста, во книжевноста мора да се биде радикален, да се оди докрај, дека писателот мора да се надмине себеси, да ги истисне сите немоќи и моќи од сопственото битие.
Димковска потенцираше дека литературата треба да го предизвикува и да го прави сето она што животот не смее да го прави.
– Да биде земјотрес, да биде пожар, да биде поплава, да биде болест, да биде војна, да биде смрт. Да вознемирува за да смири, да урива за да гради. Да удира во карпата на системот, поткопувајќи го, да ја проветрува традицијата, која во своите убави старински рамки содржи слоеви патријархална боја во однос на многу нешта и на многу човечки битија, да го преиспитува концептот на сето она што ограничува, затвора, не восприема, игнорира или омаловажува, не со реферати за колективни истории, туку со приказни за човечки стории. Во ангажираноста на литературата верувам тогаш кога таа на суптилен и литераризиран начин ја пренесува личната сторија на мало парче од колективната историја – рече Димковска.
А добрата литература го прави токму тоа. И од отворањето на фестивалот „Букстар“ беше испратена токму таа порака – книжевноста треба да вознемирува!
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ги поздрави гостите на деветтото издание на „Букстар“ и истакна дека овој фестивал претставува искрен придонес во заемното запознавање на авторите и делата од домашната и од европската литература градејќи нова димензија на пријателството независно од културните и јазичните бариери.
И Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, ја поздрави публиката, кој инспириран од обраќањето на писателката Лидија Димковска не го прочита својот подготвен говор, туку кажа дека писателите се тие што треба да зборуваат затоа што тие имаат што да кажат и знаат најдобро да го направат тоа. Тој зборуваше за своите први искуства со читањето и рече дека не е важно дали кога читаат децата го разбираат тоа што го има во книгите, ама дека мора да продолжат да го прават тоа, затоа што еден ден ќе се навратат на прочитаното и тоа ќе им стане јасно.
По поздравните обраќања, на сцената застана добитничката на наградата „Букстар“, Наџат ел Хачми, а на темата „Да се биде (поинаква) жена“ таа разговараше со Ана Јовковска, новинарка и книжевна истражувачка, и со Александар Маџаровски, поет, преведувач и јутјубер.
– Живееме во време кога многу се зборува за менталното здравје, веројатно затоа што некои проблеми во општеството сè уште не се надминати. Жените дури и во општества што би требало да бидат отворени, како што е Шпанија, каде што денес живеам, и каде што иако има силно феминистичко движење, се соочуваат со дискриминација, дури и силувања и убиства. Тие не го контролираат сопственото тело, тоа му припаѓа на сопругот, на семејството, на околината. За сексуалноста не се зборува отворено, таа сè уште им потклекнува на нормите што ги поставува патријархатот – рече Наџат.
Таа истакна дека не постои свет во кој жените не треба да бидат загрижени затоа што се жени и дека таков свет посакува и се обидува да го создаде низ своите книги. В.Д.