Во Кинотеката на Македонија се изложени дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори. По повод јубилејот, 140-годишнината од раѓањето на Милтон Манаки, покрај најавената изложба, денеска посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филма на Вера Кличкова ќе добијат ДВД, со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.
Во 1976 година, по основањето на Кинотеката на Македонија, филмските ленти се предадени на чување во овој наш национален филмски архив и во текот на изминативе децении тие беа реставрирани и заштитени со изработка на архивски копии, а во 2011 година и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени на национално културно наследство. Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола. Мал дел од овие материјали е и дигитализиран од Роберт Јанкулоски и „Македонскиот центар за фотографија“ (МЦФ), па и прикажан во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија и во монографијата „Манаки, приказна во слики“, а допрва следува комплетна дигитализација од страна на Архивското одделение во Битола, кое годинава доби можност да започне дигитализација на „Фондот 580“ на браќата Манаки, кој заедно со огромниот фотографски материјал содржи 20.000 фајла што Архивското одделение ги чува во своите депоа заедно со „камерата 300“.
Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив на Македонија – за културно наследство од исклучително национално значење.
Кинотеката, исто така, продолжува да ја инспирира и образова филмската (општа и стручна) публика, особено младата, и преку изработка и презентација на разни кратки пропагандни, едукативни и информативно-забавни видеозаписи, со тематики што ги опфаќаат не само првите филмски дејци – како што се Милтон и Јанаки Манаки и другите пионери на македонскиот филм – туку и другите неодминливи, реномирани и докажани филмски автори и филмови, и од домашната и од светската кинематографија. Токму затоа, на профилите на Кинотека на социјалните мрежи деновиве ќе биде промовиран и видеозаписот „ФилмОмаж Манаки“, подготвен од млади филмски автори и соработници на Кинотеката, во кој тие говорат за браќата Манаки како нивна инспирација.