Ex forti dulcedo (2)

Оваа интелигентна, хумана и талентирана личност, пријателка на Ариосто и Пјетро Бембо, ги пленеше соговорниците со својата умност, еден од нив е историчарот, биограф и колекционер Паоло Џјовио, кој во 1526-8 ѝ е гостин на Виторија во нејзината резиденција на трапезоидниот остров Искја, кој во своето познато дело „Dialogus de viris ac foeminis aetate nostra fiorentibus“ посветува десет страници на дијалогот со Виторија, но, во согласност со своето убедување за согласноста меѓу менталната убедливост и флуентност и женската достоинственост и убавина, детално го опишува нејзиниот физички изглед. Така, тој гледа дека темните некокетни очи на Виторија се „обрабени со блескава слонова коска“ и зрачат „љубезна ведрина заштитена од очните капки и трепки како нежни крилја“. Косата што ѝ го опкружува лицето, „проткаена златесто како косата на Леда, нежно се спушта преку слепоочниците, скротена со деликатно масло за коса, така што ниеден прамен не стрчи“. „Каква прекрасеност!“, продолжува Џјовио, „Потсеќа на носовите на аркадијската династија во Партското Царство. Тенкиот врв, малку понагласен од Природата, не влијае врз нејзиниот женски шарм“. Всушност, овој детален маниристички и кавалирски опис на Виторииното лице, сосема му прилега на, се претпоставува, нејзиниот портрет што го насликал Себастијано дел Пиомбо, дури и во поглед на нејзините уши: „Иако не се сраснати, школките на нејзините убави уши укажуваат на точно расудување.“.

Долгите разговори на оваа извонредна жена со Микеланџело продолжуваа со жива кореспонденција до следните средби, што се нижеа до крајот на нејзиниот живот, кога тој беше крај нејзината смртна постела. Во Британскиот музеј се наоѓа неговиот цртеж на Виторија (Микеланџело тогаш имал околу 65, а Виторија 50 години), со препознатлива заемност меѓу цртачот и моделот за гледач што знае за нивната приказна. Дали во ова нежно другарство може да се пронајде нишката на платонска љубов? Наспроти поранешните претпоставки дека повеќето сонети се посветени на Виторија, современите истражувања наведуваат дека иако се напишани во периодот на нивното блиско пријателство, само неколку се директно инспирирани од долготрајноста на заемното разбирање и сојузништво. Станува сѐ поубедливо мислењето дека повеќе од песните се всушност упатени кон убавиот Томазео деи Кавалиери, чиј пол уметникот го менува (скрива) за да се заштити од озборувањата за хомосексуалност. Иако е јасно дека и таа љубов останала во сферата на платонската, кон Томазео, кој за генијалниот уметник бил „светлина на нашиот век“, приврзаноста, како кон Виторија, е длабока и непореклива. Во есејот „Сикстинска капела“ на Маргарет Јурсенар, замислениот Томазео се претставува во прво лице, како „млад благородник, вљубен во уметноста. И колку да е голема мојата убост, мојата душа е сепак поубава, и моето тело е само геометриски приказ на чесноста и верноста“. Навистина, според биографските мерила, Томазео бил добро скроен и телесно и духовно.

(продолжува)