Фото: Игор Бансколиев

Како и да се земе, станува јасно дека оваа „статус кво“ ситуација веќе е неодржлива и дека веќе започнува расплетот на политичката криза

Пратениците со нетрпение чекаат на предлог уставните амандмани, а граѓаните на расплет на политичката криза

Сè повеќе се стеснува временската рамка во која може да биде испочитувана законската процедура за евентуални уставни измени и тука треба да се бараат причините за зачестените посети на различни европски формации и пораките што пристигнуваат од Брисел и Вашингтон изминатите денови, сето тоа дополнето со конечното ставање на уставните амандмани како точка на дневен ред на владина седница, иако во Владата беа испратени уште пред два месеца.
Додека власта и опозицијата меѓусебно си префрлаат дали има или нема двотретинско мнозинство за почеток на постапката за промена на Уставот, притисоците што доаѓаат однадвор се директни и недвосмислени дека уставните измени мора да се случат или, во спротивно, на земјава ѝ се заканува изолација.

Што е извесно, а што не е?

Она што е извесно по последните средби со европските претставници е дека опозицијата и натаму останува на ставот дека нема да се согласи на уставни измени под бугарски диктат и бара најпрво да се одржат предвремени избори, па потоа граѓаните да дадат легитимитет за евентуални интервенции во Уставот. Од друга страна, извесно е дека власта инсистира прво да се случат уставните измени, а потоа да се оди на избори.
Како и да се земе, станува јасно дека оваа „статус кво“ ситуација веќе носи сѐ повеќе неизвесности и е неодржлива, а извесно е исто така и дека веќе започнува расплетот на политичката криза.
– Јасно е дека Владата не може во недоглед да калкулира и ќе мора да пресече, има или нема мнозинство во Собранието за да ја направи целата постапка поврзана со уставните измени оти времето истекува. Работната група, колку што се сеќавам, ги достави амандманите пред два месеца, но Владата ги држеше во фиока оти очигледно се водеа и веројатно сè уште се водат некои преговори зад кулисите. Затоа секој ден имаме странски посети. Факт е дека државата вака не функционира, институциите се руинирани, корупцијата продолжува да расте, правосудниот систем тоне, а граѓаните се целосно незадоволни и губат секаква надеж дека работите ќе тргнат на подобро. Брз расплет од овој политички ќор-сокак мора да се најде, оти со секој изминат ден сè повеќе граѓани ја напуштаат државата – велат соговорниците со кои се консултиравме.

Да правиме држава што ќе биде достојна на нас Македонците

Адвокатот и борец за правата на македонското малцинство во Бугарија, Тони Менкиноски, смета дека во една ваква констелација на политичките односи нема да се случат уставните измени.
– Од она што сега се случува во земјава во делот на уставните измени сметам дека тие нема да поминат како такви. Бугарите во Република Македонија отсекогаш ги имале основните малцински права. Може да има уставни измени, но не под бугарски диктат. Ние прво треба да ја погледнеме состојбата во правосудството, проблемот со корупцијата, делот на организација на државата, треба да направиме држава што ќе биде достојна на нас Македонците. Веќе 30 години ние имаме држава што е нефункционална и не треба да се лажеме околу тоа. Се упропасти буквално сè, економијата е речиси пропадната, треба некој да го постави прашањето колку фирми во Македонија пропаднаа бидејќи државата чекаше пред вратата на ЕУ бидејќи тој пазар ни е ограничен таму – вели Менкиноски.
Тој изрази уверување дека, и покрај сите овие зачестени посети на странците и роковите што притискаат за имплементација на уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, никој нема да се осмели да го повтори преспанското сценарио или, пак, она од 27 април.
– Верувам дека никој нема да се дрзне да го повтори она што се случи со Преспанската спогодба и настаните од 27 април, дека тоа време треба да го заборавиме и да изградиме функционални институции во оваа држава бидејќи секој еден таков притисок создава аверзија кај македонските граѓани. Ако се случи такво сценарио повторно, тогаш Европа е од другата страна на демократијата, не е од онаа страна од која треба да ја промовира демократијата – оценува Менкиноски.
Тој не очекува Македонија да биде изолирана и ако не се случат уставните измени, притоа додавајќи дека ние како држава треба да утврдиме кои се нашите предности во целата работа и така да настапуваме.
– Ова ќе помине, ќе дојдат некои други евродипломати, нивните евродипломати се менуваат многу често, така што ние треба да излеземе со нашите барања, не треба да постапуваме како што странците или одредени држави сакаат – категоричен е Менкиноски.


Н. Историска обединувачка шанса за македонскиот народ

Несомнено овие бурни времиња, со сите предизвици што ги носат со себе, раѓаат шанса конечно Македонците да направат достојна држава за себе и за сите малцинства што живеат во неа. Ова е вистинскиот момент кога македонскиот народ треба да се сплоти, да се обедини околу ставот дека се работи за негова држава во која тој треба да биде носител на државниот суверенитет, главен императив за кој се бореле генерации Македонци во минатото и кои оставиле аманет таа борба за сопствена македонска држава да продолжи секогаш кога идејата за македонизмот ќе биде на удар од оние што сакаат да го уништат. Секој историски период несомнено носи свои премрежиња и македонскиот народ повторно се наоѓа исправен пред едно такво премреже и затоа во вакви моменти не смее да потклекне пред него. Сиве овие години доволно авансираше, дури и многу повеќе од она што требаше, почнувајќи од промената на знамето, на името, до последните уцени со „францускиот предлог“. Македонскиот народ доволно даде, треба да се стави точка на исполнувањето туѓи желби и доаѓа време на излегување од таа морална хипокризија и конечно да се истапи со обединувачки стремеж. Тоа значи дека ако некогаш во иднина се прават уставните измени, тие да бидат направени онака како што ѝ доликува на секоја суверена и демократска земја, без ничиј диктат и условувања, со широк општествен консензус. Тоа е единствен начин да се сплоти длабоко поделеното македонско етничко ткиво и да излезе како победник во овие бурни времиња.