Општината Кисела Вода, заедно со шаховскиот клуб БМ-Кисела Вода, организира прв екипен турнир во шах во Кисела Вода за дечињата од основните училишта од овој дел на Скопје. Од 2 до 6 март, 96 талентирани ученици ќе се натпреваруваат во три возрасни категории: деца од прво до петто одделение, деца од шесто и седмо и ученици од осмо и деветто одделение, при што секој учесник ќе игра со сите преостанати од својата категорија, односно по 7 партии.
Од пред десетина дена се одвива селекцијата на натпреварувачите. Наставник од училиштето мобилизира ученици, кои или знаат или сакаат да научат да играат шах. Потоа велемајсторот Роландо Кутиров и интернационалниот мајстор Дејан Стојановски им вршат презентација за придобивките од шаховската игра врз когнитивниот развој, по што учениците играат шах, а Кутиров и Стојановски вршат селекција на 12 ученици од секое училиште.
Досега селекција е направена во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, во ООУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево и во ООУ „Партенија Зографски“, ООУ „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево, „Св. Климент Охридски“ во селото Драчево, а вчера во „Кузман Јосифовски-Питу“ во населбата Црниче, додека следната седмица ќе се селектираат по 12 ученици од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ и од ООУ „Круме Кепески“.