Во Кавадарци во рамките на „Тиквешкиот гроздобер“

Детскиот карневал е традиција што трае со години на третиот ден од манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци. На главните улици каде што се одвиваше карневалското дефиле во неделата главни беа децата од детската установа „Рада Поцева“ и од сите пет основни училишта во градот. Имавме можност да видиме прекрасни и многу инвентивни шарени маски, каде што имагинацијата на наставниците и воспитувачките во градинка чиниш го достигнала врвот. Покрај маските инспирирани од виновата лоза и гроздоберот, кои секоја година се традиционални, се редеа многу интересни маски, кои несомнено се дело од секојдневието на денешните деца, почнувајќи од јунаците на познатите бајки, актуелните игри, рубиковата коцка, играта домино до социјалните мрежи на интернет и големите часовници, кои покажуваат дека времето брзо поминува.
Најсреќни се разбира беа децата што учествуваа во карневалот, нивните весели лица и насмевки, без разлика која маска ја носат, раскажуваа за возбудата и радоста што ја чувствуваат. Но и за тоа дека многу добро се забавуваат тие самите, но и сите други што дојдоа да ја видат детската карневалска поворка.

Ми. М.