Фото: Маја Јаневска-Илиева

Етика за млади

Најзначајната етичка личност во нашата историја е Свети Климент Охридски, кој живеел пред единаесет столетија. Тој голем проповедник и наставник, писател и лекар, истовремено е и наш најголем учител на моралот. Покрај многуте други етички пораки, тој ја искажал и моралната мисла „Тргај се од злото и прави добро!“. Таа етичка порака важи и денес и треба да стане основно начело на нашата етика, која ќе нè води по вистинскиот етички пат и ќе биде извор на сиот наш морал.
Злото најпрво е насочено кон повредување на луѓето, но тоа ѝ нанесува штета и на самата личност што го сака злото. Зло си прави оној што го прави злото. Злото е сконцентрирано кон уништување, навредување, создавање штета, вознемирување. Со злото се прави нешто што е против луѓето, што нив ги обеспокојува и им донесува несреќа.
Оној што го следи злото, има негативни цели. Тој најпрво е алчен, посакува повеќе отколку што му припаѓа секому и нему. Тој не го почитува правото на секого на живот и на своја среќа. Тој не мисли на ближните, не ги сака, кон нив не се однесува како кон луѓе. Со таквата насоченост, следејќи го злото, тој постапува неправо, само се стреми кон извршување на своите лоши намери. Тој не ја почитува етиката, тој не сака никого и не внимава што прави. Тој не става огради на своето однесување, избира лоши цели, има грди намери, постапува нечовечно. Може дури и да убие, сигурно постојано некого повредува, а најмногу ужива кога прави несреќа.
Против таквиот живот со зло е упатена пораката на Свети Климент. Нормалните луѓе бегаат од злото не само за да избегнат да не им се направи нешто лошо ним туку тие бегаат од злото за да не прават нешто нечовечно. Зрелата личност, вистинскиот човек се препознава според тоа што не го сака злото и што не прави зло. Тој се почитува себеси и ги уважува другите. Нему луѓето му се блиски и тој не ги повредува нив, како што и за себе си посакува само добро и го прави она што му донесува етичко задоволство од неговото однесување.
Затоа избегнувањето од злото, како што укажува нашиот најпознат учител Свети Климент Охридски, е првата стапка на израснувањето на секоја личност. Тоа е првото нешто што секој мора да го научи, најважното што секој треба да го знае во животот и што мора да го следи на својот човечки пат.

Автор: Проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Ајде, браќа, од денеска да се натпреваруваме
кој ќе биде подобар!

Свети Климент Охридски