Фото: Маја Јаневска-Илиева

Парадоксално е некој да се удира во гради во името на Европа, која нè повикува да ги јакнеме институциите, а од друга страна да го дислоцира дијалогот од истите тие институции и да го трга подалеку од очите на јавноста. Со други зборови, лидерските средби станаа институција што треба да ги супституира институциите, односно Владата и Собранието, што е надвор од секаква демократска практика, особено кога станува збор за земја што претендира да започне со отворање на преговарачките поглавја за членство со ЕУ

Наместо во институциите, релевантниот политички дијалог се премести таму каде што не му е местото

Изминативе нешто повеќе од три децении самостојност сите решенија за актуелните проблеми во државата се бараат преку лидерски средби, наместо решенијата да се бараат преку институционален пат.
Во неодамнешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија беше посочено дека е неопходно државата да ги јакне институциите, особено Собранието и Владата, како места во кои треба да се води политичкиот дијалог.
Сосема е контрапродуктивно, и покрај ваквите забелешки што се провлекуваат со години, решенијата на проблемите повторно да се бараат преку лидерски средби на кои единствено што доминира е лидерската суета.
Затоа ниту една лидерска средба не донела ништо полезно за земјата, а уште помалку нешто што би било од суштинска важност за граѓаните, бидејќи од досегашните искуства во најголем дел се користеле за партиски пазарења и меѓусебни сплетки и подметнувања.

И функционалноста на институциите и нивната транспарентност во слободен пад

Во суштина и тешко е да се оцени ефектот од лидерските средби затоа што по обичај се тајни, се најавува една агенда, но зад затворени врати се дискутира за нешто сосема друго. Така и за последната лидерска средба најавената агенда беше дека ќе се утврдува датум за изборите, но не се исклучува можноста да се разговара и за укинување на институтот „преодна влада“, додека помалку веројатно е дека ќе се продискутира и за уставните измени. Како и да е, сите овие прашања требаше да имаат институционална разврска и да бидат транспарентни и на увид на јавноста, наместо разговорите да се одвиваат зад затворена врата.
Парадоксално е некој да се удира во гради во името на Европа, која нè повикува да ги јакнеме институциите, а од друга страна да го дислоцира дијалогот од истите тие институции и да го трга подалеку од очите на јавноста. Со други зборови, лидерските средби станаа институција што треба да ги супституира институциите, односно Владата и Собранието, што е надвор од секаква демократска практика, особено кога станува збор за земја што претендира да започне со отворање на преговарачките поглавја за членство со ЕУ.

Лидерски средби – елитистичка демократија

Познавачите на состојбите сметаат дека ваквите лидерски средби што изминатите години се одржуваат во земјава немаат никаков ефект, односно се обични места за разговори, а неретко и за меѓусебни кавги.
– Лидерското одлучување само по себе стана институција и тоа значи елитистичка демократија или ограничување на процесот на одлучување. Ако сакаме да ги јакнеме институциите во Македонија, а во секој извештај на ЕК се укажува на слабиот капацитет на нашите институции, треба процесот на одлучување да го лоцираме во нив – велат политичките аналитичари.
Според нив, институцијата „лидерска средба“ е одраз на недоволниот развој на демократијата, односно владеењето на правото во македонското општество.
– Да сме ние доволно демократско развиено општество, лидерските средби воопшто немаше да бидат потребни, туку ќе се одржуваа само на ниво на демонстрација на висока политичка култура меѓу политичките чинители во државата. Проблемите и сите други работи треба да се решаваат во институциите, а не преку некакви лидерски средби – велат соговорниците.
Нивното мислење е дека лидерските средби тешко можат да бидат успешни бидејќи учесниците одат на нив со однапред утврдена партиска агенда од која не отстапуваат.
– Ќе се соберат на тие лидерски секој со своите партиски агенди и никој не отстапува од тоа. Дури и да се договорат нешто, повторно тоа ќе оди на разгледување во партијата и ако не се прифати таму, лесно се случува договореното да биде отфрлено – појаснуваат соговорниците.
Тие сметаат дека причината за активирање на алатката „лидерска средба“ треба да се бара во институционалното потфрлање.
– Тоа значи дека претходно институциите дозволиле некој проблем да стане голем, а лидерската средба се доживува како нужен лек за тој проблем, што не треба да е случај во нормални услови. Во основа, лидерските средби се непотребни ако сè си тече во рамките на еден воспоставен институционален систем и разработен правен поредок – констатираат соговорниците.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека причините треба да се бараат во тоа што во самите политички партии нема никаква демократија, па лидерот е тој што ги носи сите одлуки и затоа и судбината на земјата се решава на лидерски средби, а не во институциите.
– Македонија е партиска држава во која владеат султан-водачи и во која не постојат институционални правила, туку правилата на султаните. Така е и сега, за сите работи се договараат султаните, а не институциите. Такви примери се законот за кривична постапка, пржинската влада, пописот и уште многу други работи – заклучува Пекевски.