Гран при за најдобра маска му беше врачена на осмоодделенецот Матеј Тодоров од основното училиште „Блаже Конески“, за неговото дело „Прилепски тутунар“ / Фото: Каролина Мицевска

Околу 300 маски изработени од прилепските ученици се дел од изложбата поставена во центарот за култура „Марко Цепенков“. Креативноста на учесниците беше голема. Најголемиот дел од маските беа традиционални, дел беа современи, но сите беа различни и впечатливи.
Гран при за најдобра маска му беше врачена на осмоодделенецот Матеј Тодоров од основното училиште „Блаже Конески“, за неговото дело „Прилепски тутунар“.
– Чест и задоволство ми беше да учествувам на изложбата. Маската ја изработив за една недела. Употребив саргии, кукачки, конци, тутун, кои ги позајмив од роднини што одгледуваат и произведуваат тутун. Ми помогна и мајка ми да ја реализирам маската. Лани добив прва награда, а сега гран при. Многу сум среќен. Важно е да се одржува и продолжува традицијата во нашиот град – вели Матеј Тодоров.
Беа доделени и други награди, како и специјална за детската градинка „Наша иднина“. Прилепските основци беа креативни и на карневалот, претставувајќи се со интересни групни маски.
Првата награда ја освои ООУ „Рампо Левката“ – за маската „Весела дружина на водното царство“. Второто место им припадна на учениците од ООУ „Добре Јованоски“ за маската – „Мајкл Џексон“, а третата на ООУ „Круме Волнароски“ од Тополчани – за маската „Вечна Македонија“.
Гран при на карневалот освои градинката „Наша иднина“ – за маската „Тутуноберачите“.
За најдобра поединечна маска е наградена Мила Спиркоска од ООУ „Климент Охридски“. Ка.М.


Перниче од ѕвезди

Од небото ко да е слезено
Од капка роса испарено
Со цут и мирис навезено
И на дете подарено….

Тоа перниче од ѕвезди
нани-нани како ѕвон
Ветре пролетно што езди
И окце на царот Сон.

Во желба ко да е скриено
Во жубор – смеа посадено
Со златен конец сошиено
И на девојче дадено…
Тоа перниче од ѕвезди
нани-нани како ѕвон
Ветре пролетно што езди
И окце на царот Сон!

Дремката е шум на вода
Низ камчиња што се мазни
Едро е од седум брода
И шепот од чудни сказни.

Нани мило, нани, нани
Светот има осум страни
Од нив четири се светски
Но четири – само детски!

Велко Неделковски (Од книгата „Децата се прва лига“)