Изложба на детски цртежи во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје

Во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје, минатиот вторник беше отворена изложба со повеќе од 50 детски цртежи и слики во повеќе техники, создадени од млади таленти од повеќе земји во светот, наградувани во рамките на познатата детска меѓународна ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, која во изминатите години донираше дел од својата колекција и во ЈУДГ ОЦ „13 Ноември “ – Скопје, по повод јубилеите на детската градинка, која оваа година одбележа 70 години од своето постоење.

На свеченото отворање за значењето на овој јубилеј говореше директорката на градинката Ружица Биџовска.
– Ова е втора донација од „Малиот битолски Монмартр“, првата беше пред 20 години, односно за 50-годишниот јубилеј на градинката, а сега повторно за нашиот 70-ти роденден. Затоа упатуваме голема благодарност до детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола, кое несебично сподели дел од својата богата колекција на успешни ликовни творби на деца од целиот свет, кои се репрезентативни примероци од веќе традиционалната манифестација „Мал битолски Монмартр“. Сите ликовни творби од оваа донација во наредниот период ќе ги облагородат ѕидовите на просториите каде што престојуваат децата и се надеваме дека ќе ги разбудат кај нив креативноста и желбата за ликовен израз и ќе бидат инспирација за сегашните и идните генерации. Оваа изложба ја организираме во рамките на прославата на нашиот голем јубилеј, 70 години постоење на нашата установа. Упатуваме голема благодарност на сите чинители и помагатели на оваа изложба, насловена „Роденденски подарок“. Благодарни сме и на домот на култура „Кочо Рацин“, кој ги отвори ширум своите врати за нас – рече Биџовска.

За значењето на изложбата, со цртежи и слики создадени во повеќе ликовни техники, во рамките на педагошката дејност говореше м-р Ана Цветкоска-Панова, советничка, ликовен педагог.
– Оваа богата колекција содржи творби работени во различни ликовни техники и нивни вешти комбинации, создадени под менторство на нивните воспитувачи, учители и професори. Може да се забележат творби во цртачки, сликарски и графички техники и ликовни постапки, работени на теми од секојдневниот живот на децата и нивното непосредно опкружување, но и од светот на бесконечната детска фантазија. Децата низ овие творби раскажуваат колку е убав и едноставен нивниот свет или каков посакуваат да биде – весел, ведар, обоен. На творбите не се забележува од каде пристигнуваат, каде се создадени… тие ни раскажуваат како децата се радуваат и на едноставните и секојдневни нешта и како изгледа светот низ нивните очи што го перципираат, по малку наивно, детски, како преку некој филтер, само убавото, светлото, разнобојното. На оваа изложба паралелно се поставени творби на завојувани држави, сиромашни и богати, но тие разлики не постојат кога ќе се погледне изложбата во целина, бидејќи разликите во детскиот свет не постојат – изјави Ана Цветкоска-Панова.

За значењето на оваа соработка, која резултира и со оваа несекојдневна импресивна изложба и силно сугестивните ликовни творби од волшебниот детски свет, говореше историчарката на уметноста Виолета Калиќ, стручна соработничка за визуелни уметности, дизајн и архитектура во домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.
– Овие дела сугестивно и моќно пленат со својата раскошна автентичност и неповторливоста на гестот и изразот, во секој миг проникнувајќи и во најмалиот детаљ, во градењето на чудесните пасажи, и нѐ водат сугестивно низ своите толку едновремено и реални и фантазмогорични светови. Тие бликаат од снагата на една силно концентрирана енергија на неброени таленти низ светот, кои комуницираат помеѓу себе со јазикот на ликовноста, кој ги надминува границите и бариерите, дневните судири и недоразбирања, и нѐ извишува и нѐ поттикнува да ги осознаваме тие пораки, тие потреби, тие разнородни светогледи, сплотени во едно, и да раснеме сите во својата заложба да го направиме секој миг, насекаде во светот, поблагороден и поубав за сите -истакна Виолета Калиќ.

На самиот крај децата од групата „Медени мечиња“, идните првачиња, преку игра ги поздравија сите присутни и ја означија изложбата за отворена.
Оваа изложба предизвика голем интерес, особено кај најмладите, кај децата од групите од четири до шест години, кои дојдоа да ја разгледаат и да се инспирираат. И којзнае, во иднина, токму поради оваа изложба, можеби некој од нив ќе стане познат уметник! М.Т.