Продолжете да внесувате светлина во детските души

БАЛКАНСКИ ПИСАТЕЛИ ЗА ДЕЦА ВО „КОЛИБРИ“: ИЛИЈАНА КАРАКОЧЕВА, БУГАРИЈА

Во ова роденденско издание на „Колибри“ ви претставуваме уште една балканска авторка за деца и за возрасни, тоа е Илијана Каракочева од Бугарија. Преку оваа наша рубрика, пред вас претставивме многу автори од БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија, а исто така поради оваа рубрика „Колибри“ отпатува кон сите овие држави, кај нивните писатели, деца, училишта и градинки.

Илијана Каракочева е современа бугарска поетеса, романсиерка, раскажувачка и литературна критичарка. Авторка е на збирки раскази и романи со балканска тематика, а твори во правецот балкански магичен реализам. Дипломирала бугарска филологија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, а членка е на Сојузот на бугарските писатели, на литературниот клуб „Калина Малина“ и на литературниот клуб „Пегас“. Професорка е во училишниот центар „Регалија“ во Софија. Носителка е на награди на национални и меѓународни конкурси.

„Еј, здраво“, книгата од која денес ви ја претставуваме „Приказна за облачето“, е трет том од творечката едиција на Илијана Каракочева, кој содржи стихови за деца, гатанки и приказни наменети за читатели од две до 12 години. Меѓу кориците на второто преработено и дополнето издание на оваа книга читателот ќе се сретне со магичното лице на детството, испреплетено со убавината на раскажаното и неочекуваното откривање на убавите чуда во светот.

Книгата веќе е промовирана во повеќе училишта пред децата од малите и големите градови и села, подарена им е на многу ученици во детски градинки и во почетните одделенија. Насекаде е топло прифатена и со насмевка испратена со љубов и желби за нови средби.

Денес, на страниците на „Колибри“ првпат читаме литература за деца од Илијана Каракочева, преведена на македонски јазик. Авторката многу се израдува поради нашата покана и ни испрати прекрасна роденденска честитка.
– Честит јубилеј на прекрасното списание за деца ’Колибри‘ од Македонија. Ви посакувам инспирација, здравје и да продолжите да внесувате сонце во детските души преку убавината на зборот. Вдахнувајќи љубов кон македонскиот јазик и кон книгите вие им давате крилја на детските души. На многаја лета. Бидете благословени – пишува Илијана Каракочева во роденденската честитка за „Колибри“. Ф.Д.


Приказна за облачето

Едно облаче никако не сакало да оди со чевли со врвки и кога требало да ги заврзе своите чевлички за да скока од ѕвезда на ѕвезда, понекогаш толку брзо се сопнувало што на главите на луѓето паѓала понекоја обувка од облачето во текот на денот и ноќта. Таа, се разбира, не била тешка и на луѓето не им излегувале џумки на главите, но штом ќе паднела врз некого тој веднаш безумно се заљубувал. Не било важно дали бил млад или стар, убав или не, дебел или слаб – се вљубувал безумно и безрезервно и немало спасение од таа љубов до смртта.

Бидејќи облачето било многу палаво и љубопитно и имало многу обувки во бескрајните небеса, почнало да има многу вљубени по светот. По цел ден воздивнувале и мечтаеле.

Мајката на малото облаче едно утро ставила копчиња ѕвездички на обувките од облачето и тоа колку и да растрчувало, веќе не ги губело чевличињата низ бескрајното небо.

Така, од ден на ден, имало сѐ помалку вљубени луѓе. На крајот имало толку малку вљубени што на Земјата животот станал подосаден и од најдосадната телевизиска програма. Никој не воздивнувал и не мечтаел, луѓето не играле и не пееле. Престанале дури да пишуваат и стихови. Ги интересирала само работата и поради тоа облачето било бескрајно тажно.

Седнало облачето на една ѕвездичка и почнало да размислува со своето облаково главче. Од воздушестите ушиња излегувале искри. Мајка му го повикала за вечера, а да се испушти вечерата било толку страшно, исто како да го оставиш светот без вљубени срца. Затоа облачето го напрегнало своето мозоче и смислило начин како да го реши проблемот.

Понекогаш, божем случајно, ја откопчувало својата лева чевличка и ја пуштало врз главата на некој маж или некоја жена. Одново се појавиле вљубени луѓе. Пак започнале да се радуваат на зајдисонце и да се прегрнуваат на дождот, рецитирајќи стихови.

Само малите облачиња со текот на времето стануваат умни. Воздушестиот палавко многу внимавал да не ја наруши хармонијата меѓу количеството љубов и количеството работа. Облачето запишувало сѐ во своето мало облаково дневниче и така светот одново бил вљубен и целосен.

Мајка му воопшто не му се налутила. Дури била и задоволна од она што се случува. Таа знаела дека живот без љубов, мечта и мирис на јужен ветер е подосаден и од најдосадната телевизиска програма.

Авторка: Илијана Каракочева
Превод од бугарски на македонски: Филип Димкоски