На јубилејниот, десетти фестивал за детска уметност ФЕДУ во Сараево, на познатиот босанскохерцеговски писател за деца и млади Бајрузин Хајро Плањац неодамна му беше врачена наградата „златно јаболко“.
Плањац беше награден како автор, издавач и промотор на литературата за деца, пишува во образложението на организаторите на фестивалот, еден од најпрестижните во регионот.
Бајрузин Хајро Плањац речиси 40 години пишува за најмладите читатели и досега објавил 50 книги и сликовници. Застапен е во наставните планови и во лектирите во Македонија, Србија и секако во Босна и Херцеговина, а неговите книги достигнуваат големи тиражи и објавени се во дваесетина држави во Европа, Америка и Индија.
Националната и универзитетска библиотека на БиХ го номинираше д-р Плањац, кој исто така е и академик, за наградата „Астрид Линдгрен“, највисоко светско признание за литература за деца, за тековната 2024 година.
Инаку, Плањац во 2021 година ја доби меѓународната награда „Гоцева мисла“, која ја доделува издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.
Неговата книга „Тајните на дедовата воденица“ на македонски јазик е во издание на издавачката куќа „Бата прес“ од Скопје, која веќе ја имаат и неколкумина читатели на „Колибри“. Ова е негова втора книга преведена на македонски, а третата е веќе во подготовка и на неа веќе работи писателот Наум Попески. М.Т.