Фото: КК „Колибри“-Охрид

КК Колибри од Охрид прославува 20 години успешно постоење

Нема поголема радост и исполнетост од моментот кога ќе влезам во сала и ќе ги здогледам детските очиња што треперат со љубопитство и желба. Моето срце тогаш е исполнето и преполно со љубов за сите членови на КК Колибри,
вели м-р Весна Балазоска Милошевиќ

На наша голема радост, кошаркарскиот клуб за деца и млади Колибри од Охрид, кој го добил името токму по нашиот прилог, годинава го одбележува 20-от роденден. Токму затоа, во годината кога и ние одбележуваме 65 години постоење, поразговаравме со м-р Весна Балазоска Милошевиќ, претседателка на клубот. Таа се потсети на почетоците пред две децении, на најголемите успеси на КК Колибри, но ни откри и дел од идните планови што ќе го реализираат младите кошаркари полни со елан под будното око на врвните професионалци, чија главна водилка е љубовта кон децата и, секако, кон спортот.

Најпрво кажете ни неколку збора за вас и за вашата професија и што би издвоиле од богатата спортска кариера?
– Јас сум дипломирана менаџерка по осигурување и магистерка по спортски менаџмент. Моментално работам во ЈП „Билјанини извори“, како советничка за спорт – организација и поддршка за спортски настани. Сопруга сум на Славољуб Милошевиќ, човекот од кого добивам безрезервна подршка, и мајка на две деца: Милош, кој има осум години, и Милан, кој има шест години, кои веќе се членови на клубот и со голема желба ги посетуваат тренинзите.
Мојата љубов за кошарката датира од мојата осма година, во тогашниот женски клуб ЖКК Билјана-Охрид. Како најмлад член бев една од најталентираните играчи не само во Охрид туку и во Македонија. Од својата десетта година веќе настапував во сениорската екипа и оттогаш започна и мојата успешна кошаркарска приказна, која понатаму прерасна во професионализам. Со настапи во репрезентацијата, учество во Европската лига и во Јадранската лига, дел од мојата кариера поминав и во Дубровник во КК Рагуса, а најубавите и најблескави мигови ги доживеав во клубовите Профитнес-Охрид и Кимико-Струга. Просек по натпревар ми беше по 30 дадени коша. Играчката кариера ја завршив релативно млада, на 32 години. Исто така бев тренерка на младинска женска репрезентација и имам ФИБА-лиценца за тренирање деца. Покрај тоа, имам многу дипломи, сертификати и признанија, за најдобар играч, најдобар тренер, сертификат од Олимпискиот комитет за менаџер во спорт, признание за жената во спортот – Отворен Балкан во Приштина, Косово… Тука се и освоени први места на турнири, првенства, работнички игри, како и освоени првенства во Купот на Македонија, први места на општински и државни натпревари во атлетика, ракомет, скок во далечина, пинг-понг, тенис, ракомет…, буквално во секоја сфера на спортот. Во последно време уживам во пливањето и се надевам дека наскоро ќе имаме и затворен базен во Охрид.

Како се случи да бидете претседателка на КК Колибри и, за нас многу интересна приказна, како клубот го доби ова име?
– Паралелно со мојата играчка кариера, во 2003 година, по моја иницијатива, беше формиран и КК Колибри, како здружение на граѓани. Идејата беше моја, бидејќи во тоа време на нашите натпревари нѐ следеше две-триилјадна публика, а и ден-денес сметам дека во поново време во Македонија тоа никој не го постигнал во женската, па да не бидам скромна и во машката кошарка. Најголем дел од публиката беа деца, кои бараа од мене автограми. Нескромно звучи, ама бев идол и миленик на публиката. Сето тоа за мене претставуваше императив, особено дружењето со најмладите. За сѐ да добие друга димензија, ја формиравме школата за кошарка. Првично идејата ја реализиравме со моите колешки. На почетокот почнавме да тренираме покрај мостот, кај каналот на Студенчишта, на кошаркарски терен во сопственост на градежната фирма „Трудбеник“. Од сопственикот ни беа отстапени и простории за состанок, соблекувални и простотија за реквизитите. Во првиот момент кога влегов во просторијата, на масите беа расфрлани многу весници и на прв поглед ме привлече прилогот „Колибри“ на „Нова Македонија“. Симпатично ми беше логото со најмалата и наајбрза птица на светот, како што се и децата, незапирливи, а тоа беше одличен синоним за нашите идни кошаркарчиња и, ете, така одлучивме клубот да се вика „Колибри.

Какво е чувството кога по некоја победа, успех, награда, насмевката ќе ги огрее детските лица?
– Нема поголема радост и исполнетост од моментот кога ќе влезам во сала и ќе ги здогледам детските очиња што треперат со љубопитност и желба. Моето срце тогаш е исполнето и преполно со љубов за сите членови на КК Колибри. Секогаш повторувам дека кошарката е мојата најголема љубов, единствена, чиста, невина, која трае речиси целиот мој живот со иста јачина. Победите, поразите, првите чекори, првиот дриблинг, првиот кош се моменти што ги паметиме вечно и со многу радост и емоција ги прославуваме со нашите членови. За таквата радост можам да раскажувам уште многу.

Ќе ни ја претставите ли личната карта на КК Колибри?
– КК Колибри во моментот има околу 150 дечиња, кои тренираат во училишните сали на Гимназијата и ОУ „Христо Узунов“. Возраста на децата е од 5 до 16 години. Тековно, со постоењето на клубот, учествуваме во организација на многу турнири, летни школи, кампови и бевме стандардни учесници во сениорските и младинските лиги организирани од страна на МКФСМ. Во последните години нашите членови не се натпреваруваат, бидејќи природно беше и за нас како тренери да се реализираме како родители и слободното време ни беше наменето само за тренинг. Се надеваме дека наскоро ќе се промени тоа.

Како го одбележивте 20-годишниот јубилеј?
– Пред се 20-годишниот јубилеј го одбележивме со меѓународен турнир (oд 19 до 22 јуни), каде што учествуваа екипи од Србија, Македонија и Албанија: Гога Баскет од Драч, ЖКУ Златар од Нова Варош, Р Србија, Елите баскет од Тирана, Пробаскет јуниор од Охрид, КК МЗТ од Скопје, КК Декса од Прилеп, КК Пробаскет од Делчево и екипи од нашиот клуб. На 25 јуни во спортската сала приредивме вистински роденденски спектакл за сите наши членови, родителки и поддржувачи со дување свеќички на роденденска торта. Од 5 до 19 јули нашите членови беа на Меѓународен турнир во Драч, Албанија. Сите овие три големи настани беа во рамките на прославата на јубилејот.

Што би издвоиле како најголеми успеси?
– Уште датираат првите списоци на нашата школа, која беше единствена во регионот и имаше околу 700 деца. Од таа година наваму почнавме да работиме, да тренираме многу деца од Охрид, но и од цела Македонија, а и од странство. Буквално секој што ја сакаше кошарката, тренираше и во летниот период беше наш член. Тука може да се пофалиме дека дел од нашата летна школа беше и Џеди Осман – НБА, ѕвездата на Кливленд, како и Ефтим Боегоев, Тони Симиќ, Стојна Вангелоска, браќата Војдан и Дамјан, селекторката на женската репрезентација на Србија – Марина Маљковиќ, најомилениот тренер на сите времиња Жељко Обрадовиќ и многу други.
Следните години се редеа успеси во пионерските, младинските и сениорските лиги, извадивме многу талентирани деца, репрезентативци – тука ќе си ги поздравиме: Славчо Бате, Филип Бате, Андреј, Петар Тилев, Кики Шваба, Јаким, Кољо, Роче, Димо, Ниче, Танас, Туран, Петар, Нино, Лешници, Бојо, Алек, Зоче, Ане, Ивана, Бахар, Нате, Симона… и сите што биле дел од нас.

На што сте особено горди?
– Посебен придонес имаме оставено како главен партнер на Кошаркарската федерација на Македонија во организација на Европските младински првенства во машка и женска конкуренција, со учество на кошаркари што подоцна станаа ѕвезди на европската и НБА-лигата: Пау Гасол, Дирк Новицки, Лука Дончиќ… Исто така, покрај женската кошарка, ја возобновивме и машката, имавме свој претставник во Третата сениорска лига, каде што само за една сезона бевме први, па во Втората лига – први со обезбеден пласман за Прва лига, но тука за жал заврши нашиот ентузијазам, бидејќи не добивме поддршка од општината. За тешкотиите, падовите, финансиите денеска нема да зборуваме. Денеска сме многу среќни, исполнети и со гордост што го прославуваме овој 20-годишен јубилеј. Инаку, од формирањето досега останавме истиот тим генерално, кој го сочинуваат: Весна, Вики, Исо, Гаго, Јуле, Јане… и во оваа пригода упатувам благодарност до сите нив.

Според вас, колку спортот е важен за детскиот развој, и физички и психички, и што би им препорачале и на родителите и на децата во врска со тоа?
– Ако барате физичка активност за да го оддалечите вашето дете од каучот, кошарката е спорт со кој вашето момче или девојче може да започне веќе од рана возраст. Играњето кошарка им помага на децата да научат основна координација и тимски вештини. Воведувањето на децата во основните на кошарката од рана возраст не само што ќе го поттикне детето да вежба туку ќе служи и како основа за активен начин на живот. Децата мора да бидат физички активни за да имаме здрава младина. На тој начин тие ќе ги развиваат моторичките вештини и ќе го поттикнуваат психолошкиот развој. Конкретно, играњето кошарка во клубот Колибри овозможува детето да стекне пријатели и да комуницира со своите врсници, но исто така помага и во решавањето на некои основни проблеми. Доживувањето на предностите и предизвиците, на здравата конкуренција во рана возраст ги подготвува децата за прифаќање на успехот и неуспехот подоцна во животот.

Откријте ни некои идни планови на клубот.
– Со овој јубилеј најавуваме и два нови проекта – повторно учество во македонските кошаркарски лиги, со по една екипа во машка и женска кадетска лига, учество во Езерската – регионална лига и формирање за првпат во нашиот град општинска лига за мини-баскет (за дечиња од 5 до 10 години), која следната година ќе прерасне и во регионална.
Од срце сите овие години го сакаме нашиот клуб, нашиот град, се ежиме на националната химна, трепериме на секоја победа и секој подвиг на нашите колибриња. Дишеме и живееме за кошарката, ја сакаме сино-белата боја, горди сме на илјадници наши членови, кои денес се успешни, родители, врвни доктори, стоматолози, педијатри, адвокати, менаџери, банкари, сметководители, тренери, но најважно од сѐ добри и чесни луѓе!


Името по додатокот за деца во „Нова Македонија“

На почетокот почнавме да тренираме на кошаркарски терен во сопственост на градежната фирма „Трудбеник“. Од сопственикот ни беа отстапени и простории за состанок, соблекувални и просторија за реквизитите. Во првиот момент кога влегов во просторијата, на масите беа расфрлани многу весници и на прв поглед ме привлече прилогот „Колибри“ на „Нова Македонија“. Симпатично ми беше логото со најмалата и најбрзата птица на светот, како што се и децата, незапирливи, а тоа беше одличен синоним за нашите идни кошаркарчиња и, ете, така одлучивме клубот да се вика Колибри, се сеќава Весна Балазоска Милошевиќ.