Библиотекарите се верни чувари на библиотеките. Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму

КОИ ИМ СЕ ОМИЛЕНИТЕ КНИГИ ЗА ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИТЕ БИБЛИОТЕКАРИ (2)

Буквите, зборовите, речениците, песните, расказите, книгите имаат чудесна моќ. Откако ќе бидат прочитани и доживеани со срцето, умеат длабоко да се втиснат во нас и да остават неизбришливи траги во текот на целиот наш живот. Првопрочитаните книги се паметат како и првите наставници и првите другарчиња, како првото одење на екскурзија и првото летување без мама и тато.
Која е ваша омилена книга? Ќе се сетите ли веднаш или треба да подразмислите? Сакате да знаете која е моја омилена книга од детството? Веднаш ќе ви кажам. Од прва секогаш велам: „Прости ми канаринке“ од Видое Подгорец
Низ годиниве во „Колибри“ правевме разни избори на педесет најчитани наслови за деца од македонски автори, потоа ги баравме омилените книги од детството на писателите за деца, па омилените книги на познатите… Но размислувајќи каква содржина да подготвам за овој број, се сетив на тие верни чувари на библиотеките и книгите – библиотекарите.
Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму.
Сите библиотекари со кои контактиравме со радост ја прифатија оваа идеја. Како едвај да чекале да бидат прашани. Многу се израдуваа и тие, но и јас. А сега прочитајте ги нивните впечатоци и најдете ги нивните препораки за книги, кои можеби ќе би бидат одлично друштво ова лето.


БИЛЈАНА Т. ДИМКО, БИБЛИОТЕКАРКА
ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ-ТИТО“ – БИТОЛА
Љубовта кон книгите беше сосема природна со оглед дека потекнувам од учителско семејство, а станав професорка по македонски јазик и книжевност токму благодарение на книгите. Најверојатно, најмногу книги прочитав во периодот на основното образование, бидејќи тогаш бев помалку пребирлива, за подоцна во средно училиште и понатаму да знам што со сигурност не сакам да читам. Искрено, најтешко е да одговарам кои ми беа омилени четива во текот на растењето – затоа што сите учествуваа во моето „растење“, почнувајќи од омилената „Зоки Поки“ (големата верзија) од Оливера Николова, неверојатно добриот роман „Белото циганче“ од Видое Подгорец, ден-денес се смеам и плачам додека ја препрочитувам „Улавите години“ на Бранко Ќопиќ и со оглед дека припаѓам на првата генерација читатели на книгите за „Хари Потер…“ од Роулинг, моето тинејџерство беше мошне волшебно. На младите генерации им препорачувам да читаат, пред сè за да научат да размислуваат, а на тој начин се развиваат и когнитивната и емоционалната интелигенција, така што, според мене, сè пишува во книгите или ќе се напише, допрва.

НАТАША БРЕЗОВСКА БОГОЕВСКА, БИБЛИОТЕКАРКА ВО ЛОКАЛНАТА БИБЛИОТЕКА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ – ВЕЛЕС
„Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери е книгата што го бележи моето растење. Книга што многупати беше препрочитана, бидејќи со секое читање дознавав нова мудрост. Првпат ја прочитав како задолжителна лектира во четврто одделение. Да бидам искрена, ме воодушевија интересното патување по планетите и необичните жители, но не ја сфатив суштината. Подоцна под влијание на татко ми ја препрочитав. Само по три години, како да читав нова книга. Имав друг поглед на нештата. На таа возраст ме научи на најважните нешта: детето е најмалиот човек достоен за почит, најважните нешта ги гледаме со срцето и од секого треба да се бара само она што може да го даде.
Денес од гледиште на библиотекар би рекла дека секоја книга има своја убавина, бидејќи во секој пишан ред се крие некаква мудрост.
На листата на предлог книги за летниот распуст би ви ги ставила: „Мојот звук“ од Оливера Николова – роман за созревањето; „Заспаниот град“ од Мартин Вопенка – мистериозен роман за една поинаква реалност. Читајќи уживајте во светот на книгите!

СОЊА МАНЕВА, БИБЛИОТЕКАРКА
ВО НУ УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ – ШТИП
Како дете и ученик имам прочитано многу книги, како лектири така и слободни. Но книгата „Возот в снег“ е книга што остави посебен печат во мојата меморија, на која се сеќавам и ден-денес и сѐ уште ја чувам во мојата домашна библиотека. Знам дека беше книга што не можев едноставно да ја оставам и ја читав со посебен интерес. Ја разбуди мојата фантазија и додека ја читав, за момент се соживував со ликовите и настаните и како да се наоѓав во некој филм. Бидејќи бев дете, а оваа книга претставува низа на детски доживувања за деца од прво до четврто одделение и обработува едно од најубавите времиња од животот – детството, и има доста убави пораки и примери за другарството, за дружењето за заедничко надминување на проблеми ми остави многу силен впечаток.
И денес како библиотекар на многуте работилници и промоции на книги за деца постојано им укажувам за придобивките од читањето книги, затоа што им отвораат нови светови, ги носат во нови доживувања и познанства со нови другарчиња, а во исто време учат, се воспитуваат и градат во позитивни морални личности.
Да, им ја препорачувам „Возот в снег“, но во одделот за детска литература има многу убави лектирски и слободни книги што можат да ги позајмат и прочитаат како „Алиса во земјата на чудата“, безвременскиот „Малиот принц“, „Пипи долгиот чорап“, „Шеќерната приказна“……

ЉУПКА СТОЈМЕНОВА, БИБЛИОТЕКАРКА
ВО ООУ „НИКОЛА КАРЕВ“ – КОЧАНИ

Летото е време на одмори, забава и дружења. Но летото е време кога може да се другарува и со книгата, не онаа задолжителната, лектирната, туку за читање слободна литература. Моја препорака на книги за читање во летниот период се: „Тајни незнајни“ од Киро Донев (и за љубителите на поезија, но и проза) топло ја препорачувам за најмалите читатели, „Децата од мобилниот телефон“ од Џоу Син – роман што покрај на децата, им го препорачувам и на нивните родители. Во моите топ пет книги што им ги препорачувам за читање на најмалите читатели е и книгата „Приказни од мојот крај“ од Лила Арсова, поетската книга „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски и моите омилени од детството „Приказни од илјада и една ноќ“.
Мојот избор за тинејџерите се сите книги од Горјан Петревски, „Шармери од осмо“ од Велко Неделковски, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Ајдучка чешма“ од Видое Подгорец.
Се надевам дека овој мој избор ќе им се допадне на малите читатели, но мојата препорака е дека која било книга и да ја прочитаат ќе го направат вистинскиот избор, зашто преку другарувањето со книгата стануваме помудри, побогати со знаења, стекнуваме нови пријателства и дознаваме за нови светови. Од книгата можеме многу да откриеме, но знајте дека во книгата можеме и да се скриеме.

ГАБРИЕЛА КОСТАДИНОВА, БИБЛИОТЕКАРКА
ВО БИБЛИОТЕКАТА ВО ПЕХЧЕВО

Драги читатели, на крилјата на сонцето пристигна и летото. А со распустот дојдоа и вашите игри. Но летото не е само време за одмор и уживање, туку пред сѐ и релаксација или храна на душата со добра книга. Уште од малечка сакав да читам. Љубовта кон книгите ми ја всади мајка ми. Таа работеше во библиотека, а секојдневното доаѓање во храмот на книгата кај мене предизвикуваше интерес да ги разгледувам насловите и да ги истражувам нивните содржини.
Топло ви ја препорачувам да ја прочитате книгата „Колибата на Чичо Том“ од американската писателка Хариета Бичер Стоу, која во мое време беше лектира за шесто одделение. Книга што се чита во еден здив, чија тема е трагичната судбина на Црнците принудени деноноќно да работат вредно и чесно, а сепак и за најмала грешка да бидат претепувани, понижувани како најголеми злосторници и продадени во секое време. Најимпресивен е ликот на чичо Том, кој се истакнува со најсилните свои особини, трудољубивоста, чесноста и добрината, придружени со верност кон оној што го сака и почитува. Затоа одушевува неговата великодушност кога се жртвува за сите.
Ако имате можност прочитајте ја и книгата „Старецот и морето“ од американскиот писател Ернест Хемингвеј. Тој во овој роман ја истакнува борбата на човекот за опстанок во суровите и тешки услови на животот. Главниот лик е рибарот Сантјаго, кој сам во морските далечини успеал да улови голема риба. Сам изложен на жештината на сонцето и на суровоста на океанот ги собрал сите сили за да ја победи големата риба. И кога успеал да ја совлада рибата дошле ајкулите и ја изеле, а останал само костурот. Но старецот бил задоволен што во борбата со големата риба тој победил. Со овој роман писателот сакал да ја истакне големината на човекот и да каже дека не постои сила поголема од човекот.
Не можам, а да не го споменам мојот омилен македонски автор Горјан Петревски и неколку негови дела: „Исти очи“, „Далечна љубов“, „Сама“ – книги што се читаат во еден здив и кои се наменети не само за тинејџерите туку и за возрасната популација.