Да се надеваме дека со ова издание, детските песни и во иднина ќе предизвикуваат
радост кај децата и ќе ни го разубавуваат секојдневието. Благодарност до чичко Џамбаз што ни го обои детството, што израснавме во добри личности, што растевме со убави песни, кои денес се вистински евергрини и верувам дека ќе се пеат уште долги години, вели Бранка Костиќ-Марковиќ

Со песни од „Златно славејче“ и со промоција на книга одбележан роденденот на Александар Џамбазов

Во скопско Дебар Маало, во саботата, пред муралот со неговиот лик беше одбележан роденденот на маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика.
Голем број скопјани од сите генерации дојдоа да бидат дел од овој убав настан, а меѓу нив беа и некогашните златни славејчиња, денес успешни жени во повеќе области, кои испеаја некои од најголемите хитови на „Златно славејче“, а еден од неговите основачи беше токму Александар Џамбазов.
Диригент беше Запро Запров, кој своевремено беше диригент на славејчињата и на хорот „Развигорче“, а со женскиот младински хор „25 Мај“ освои голем број награди во светот.
Тој истакна дека токму на ваков начин со почит и евоцирање спомени треба да се чуваат од заборав македонските великани.
Се разбира, церемонијал-мајстор беше популарниот и мултиталентиран Игор Џамбазов, неговиот син, кој на почетокот ја испеа песничката за страшниот лав, на стихови на Васил Куновски, на музика на татко му, со која настапил на првото „Златно славејче“.
– Татко ми се жалеше дека секогаш тој ќе биде зет на Петре Прличко, сопруг на Анче и татко на Тања и Игор и ништо повеќе од тоа. А јас му велев: „Не е така, ти си маестро!“ – се потсети Игор Џамбазов на својот татко.
Тој ја подвлече големата љубов на татко му за децата и за манифестацијата „Златно славејче“, која со многуте испеани хитови го збогати детството на повеќе генерации.
Убаво беше да се видат насмеаните лица на баби, дедовци, родители и деца и да се слушне како сите заедно ги пееја големите хитови на овој фестивал, кој, ете, му одолева на времето и сѐ уште трае. Меѓу нив беше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата, покровител на „Златно славејче“.
Да се надеваме дека во иднина ќе се исполни големата желба на чичко Ацо, фестивалот да се одржува во живо, со оркестар, како некогаш, кога пееше заедно со хористите и солистите додека диригираше само за да биде сигурен дека нема да згрешат.
Ги слушнавме „Мојата учителка“, „Песна за Скопје“ и химната „За сите деца“, а „Еј гулаби, гулаби бели“, на текст на Глигор Поповски, како и пред многу години ја отпеа Билјана Дамјановска, која специјално за оваа пригода дојде од Битола.


– Денес допатував од Битола со посебни чувства, бидејќи по 52 години повторно имам можност и голема среќа да го испеам големиот детски безвременски хит на чичко Ацо, „Еј гулаби, гулаби бели“, еден од симболите на „Златно славејче“ – изјави Дамјановска.
Покрај детските песни, Џамбазов пишувал и музика за филм и театарски претстави, неговата композиција „Хумореска“ се изучува во нижите музичките училишта, а ја слушнавме и овој пат.
Според градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, настанот има особена важност бидејќи се одржува токму на денот кога маестрото ќе го прославеше својот 88. роденден.
– Како еден од најголемите автори и основачи на „Златно славејче“, маестро Џамбазов има големо значење за целата земја, не само за Скопје и за центарци. Се решивме прво да го разубавиме овој простор од Дебар Маало со еден мурал – рече тој.
По повод роденденот на Александар Џамбазов, во Дебар Маало се одржа и промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“, чии автори се познатите македонски музички публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ, авторка на воведниот текст, и Марко Коловски, автор на нотографиите.
Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.
– Пред 40 години почна мојата соработка со Џамбазов. Тој имаше многу дарби, а страста што ја покажуваше кон сѐ во животот беше инспирација за сите нас. Пред 10 години во СОКОМ дојдовме до идеја дел од неговите песни да бидат овековечени и на овој начин и мислам дека и тој ќе беше особено среќен денеска, не само поради амбиентот туку и поради самата книга. Нека биде ова вовед во слични публикации за личности што ја граделе историјата на македонската музика – рече Марко Коловски.
Песните издвоени во оваа збирка денес се детски евергрини за сите генерации, а изданието, според авторите, ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за одделенските и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование.

Александар Џамбазов напиша музика на стиховите на познати македонски писатели за деца, меѓу кои<br /е и Перо Миленкоски

– Да се надеваме дека со ова издание, детските песни и во иднина ќе предизвикуваат радост кај децата и ќе ни го разубавуваат секојдневието. Благодарност до чичко Џамбаз што ни го обои детството, што израснавме во добри личности, што растевме со убави песни, кои денес се вистински евергрини и верувам дека ќе се пеат уште долги години – рече на крајот Бранка Костиќ-Марковиќ.
Насловот на збирката „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“ не е случаен, зашто сите славејчиња, поранешни солисти на фестивалот „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, кој беше редовна хорска придружба на фестивалот, во кој членуваше и Бранка Костиќ-Марковиќ, коавторка на книгата, од милост го нарекуваа Александар Џамбазов чичко маестро Џамбаз. А тој, на шега, ги нарекувал „златни гавранчиња“. И Министерството за култура го поддржа овој проект. М.Т.