Претставена монографијата „Драга учителке“ на авторката Соња Андонов, за животот и педагошката дејност на Анче Бојаџиева Герасимовска

„Значајно место во животот на секој човек има учителот. Се случува често токму тој да го одреди животниот пат на ученикот. На пример, кога тоа е учител што предава уметност, и тоа свирење пијано…“
Со овие зборови авторката Соња Андонов ја почнува монографијата „Драга учителке“, посветена на животот и педагошката дејност на нејзината учителка по пијано Анче Бојаџиева Герасимовска.
Монографијата излезе од печат кон крајот на минатата година, но поради здравствените протоколи, промоцијата се одржа на 21 јуни, на Светскиот ден на музиката, во салата на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово, каде што Анче го мина својот работен век.
За книгата говореа Санда Србиновска, долгогодишна новинарка и ученичка на Анче, од Тетово, познавачка на условите во културата во Тетово, м-р Глигор Кондовски, професор во Музичкото училиште, филмски режисер и организатор на настани во културата во градот. За значењето на монографијата за музичката историографија зборуваше д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог од Скопје, која истакна дека „Авторката Соња Андонов дава значаен придонес во проучувањето на културолошките и историските вредности на нашата земја, надградувајќи ги досегашните истражувања од областа на македонската музичка историја и традиција.“
Промоцијата беше збогатена со неколку композиции за пијано во изведба на младиот пијанист од Тетово, Душко Дембоски.
Анче Бојаџиева е родена во 1935 година во Тетово. На прагот на Втората светска војна со семејството се преселува во Скопје каде што завршува Средно музичко училиште во класата на Ладислав Палфи, а подоцна дипломира на Одделот за пијано на Музичката академија во Белград. Работниот век го минува во родниот град Тетово. Таа е врвен педагог, кој со огромна љубов им го пренесе своето знаење на своите ученици. Нејзини ученици денес работат како професори во основни и средни музички училишта, како и на факултети за музичка уметност. Покрај знаење, таа им ја разви првичната задача што секој музички педагог ја има, а тоа е развивање љубов кон музиката.

За да се пишува за учителката Анче, неминовно е да се спомене дејноста на нејзиниот татко Глигор Бојаџиев (Тетово, 1896 – Скопје, 1970), за тетовци познат како Ѓиче Берберот, еден од музички најписмените во градот, кој своето знаење им го пренесува на други. Тој има свој оркестар, а негов ученик и член на оркестарот е и Тодор Скаловски, еден од основоположниците на современата македонска музика. Подоцна, во последните децении на 20 век и ќерката на Анче со својата истакната педагошка работа има големи заслуги во ширењето на музичката наобразба и култура во градот. Со тоа, оваа монографија истовремено дава слика и за музичкиот живот во Тетово во минатиот век.
Покрај ликот на Анче и нејзиниот татко Глигор, во монографијата се претставени и двата лика од нејзиното потесно семејство, кои даваат свој придонес во музичкиот живот на Македонија – братот Драган Бојаџиев (Тетово, 1930 – Охрид, 1981), долгогодишен музички уредник во Радио Скопје и неговата сопруга Соња Бојаџиева (Љубљана, 1928 – Љубљана, 2021), професорка и поранешна директорка во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
Во последниот дел на монографијата се поместени сеќавања на учениците, бидејќи, според авторот, учителката Анче со нејзиниот милозвучен глас, топол поглед, блага насмевка, е еден од најубавите спомени што го носат од своето детство.
Монографијата е проект од национален интерес во културата за 2020 година на Министерството за култура.