Неколку години претходно Музеј-галеријата во Кавадарци во соработка со Дневниот центар за деца со посебни потреби од градот многу успешно го реализира проектот „Учиме и цртаме за нашето културно наследство“. Децата преку цртање, боење и моделирање со пластелин и со глина во убава атмосфера и што е најважно преку игра и во добро расположение ги креираа своите дела во бошавскиот манастир „Свети Архангел Михаил“ и научија многу за богатиот фрескоживопис во црквата и за прекрасните икони.
– Овој проект, кој е од едукативен карактер и е финансиран од Министерството за култура, досега се покажа како многу успешен, а ние се обидуваме секогаш да го реализираме на терен каде што децата на непосреден начин можат да се запознаат со убавините на природата во околината на манастирот, како и со културното богатство, кое го крие овој наш значаен споменик на културата, кој датира од 1839 година. Проектот го реализиравме во соработка со дефектолозите Ана Камчева и Надица Ристоска Лазаров, како и со педагогот во дневниот центар Весна Дуброва – ни рече Весна Ѓорѓиева раководителка на проектот и виша кустоска во Музеј-галеријата во Кавадарци. Ми. М.