„Фалкон Лејк“ е емотивна приказна што нѐ потсетува зошто писателите и
режисерите толку често сакаат да се навраќаат на приказните од детството и
адолесценцијата, предизвикувајќи понекогаш и чувство на морници

Видеотека

Велат, најсилните отрови доаѓаат во мали пакувања. Младата француско-канадска актерка Шарлот Ле Бон очигледно добро го знае овој рецепт. Нејзиното филмско деби насловено „Фалкон Лејк“ навидум е невина и лесна тинејџерска романтична драма, но набргу ќе сфатите дека во суштина станува збор за многу подлабока, драматична приказна што ќе ве прогонува долго по нејзиниот крај. „Фалкон Лејк“ е обвиен во маглива носталгија, силни сончеви отсјаи и чувство на неописливи сеќавања. Ле Бон се обидува да го зграпчи ова неостварливо чувство сакајќи долго да го задржи сеќавањето на детските безгрижни моменти, кои незапирливо избледуваат од нашите сеќавања, како стари пожолтени фотографии. Чувството на првото љубовно искуство во летен камп проследен со атмосферични магични пејзажи ни од далеку не навестува зла коб. „Фалкон Лејк“ е емотивна приказна што нѐ потсетува зошто писателите и режисерите толку често сакаат да се навраќаат на приказните од детството и адолесценцијата, предизвикувајќи понекогаш и чувство на морници. Инспирирана од романот на Бастиен Виве насловен „Една сестра“, приказната за едно младо момче со деликатни сензибилности, прва љубов и прво прогонство, го прави ова деби за Ле Бон навистина незаборавно. Со тема што го сместува некаде на спектарот помеѓу „Нека влезе вистинскиот“ и „Џинџер Снепс“, овој романтичен филм за полнолетството е цврсто вкоренет во сентименталната кинематографија, необработените изведби и човечките врски на талентирани млади актери. Прекрасните визуелни слики, кои можат да ве вратат назад во опасностите од адолесценцијата, го оживуваат дебито на Ле Бон како нежен, но многу отровен свет. Ова е опојна младешка приказна, раскажана низ прекрасен, но мрачен објектив.
Ова тонско мешање на љубовта и тензиите започнува уште од првата сцена каде што девојка, за која не знаеме дали е мртва или жива, плови во езерото облеано во златна светлина. Ле Бон е обземена со овие кадри од непознатото, измешани во стилски пејзаж на ликови. Плашливиот 13-годишен Бастиен (Жоспе Енгел) и неговото француско семејство пристигнуваат во шумската кабина некаде во длабочините на канадските села каде што ги очекуваат нивните пријатели Луиз (Карине Гонтиер-Хиндман) и нејзината ќерка Клои (Сара Монпетит) каде што ќе престојуваат и со која момчињата ќе делат иста соба. Одличниот дизајн на звукот, како на пример засилен дожд, нежно зуење или звукот на вентилаторот на масата, ѝ дава живот на инаку безживотната просторија.

Извонредна тонска техника следува во текот на филмот, придружена со извонредна партитура, особено забележлива од двајцата тинејџери. Оваа прва бура ни го дава првиот страв, бидејќи девојчето, растурено и извалкано, е ненадејно во собата со Бастиен и Тити. Утрото доаѓа брзо враќајќи ги живите бои, а Луиз се распрашува дали Клои ги разбудила минатата ноќ. Возрасната разлика помеѓу Клои и Бастиен е две години (Клои е постара), па тоа создава јаз на срамежливост помеѓу нив. Принудена да ги однесе до пристаништето, Клои е некаде помеѓу љубопитноста и гордоста, но меѓу неа и Бастиен почнува да се раѓа невино пријателство. Неговите стравови се вкоренети во реални искуства, како скоро давење кога бил млад, што ја фасцинира Клои. Како што се развива нивното пријателство, живеењето заедно го оптоварува развојот на чувствата на Бастиен кон Клои.
Ле Бон, развивајќи ја оваа драма до наочекуван расплет, го истражува детскиот карактер и маестрално ги развива емоциите на младите актери до точка на вриење. Чувството на срам, изолација и копнеж го обзема овој филм. Стравовите вкоренети во реалноста носат релевантност на приказната, па така, Ле Бон во фокусот на дејството го поставува моментот на стапување кон полнолетство, како еден од најзначајните моменти во развојот на младиот човек. Темите како самоповредување, самосожалување, отфрленост, опседнатост со смртта, духовите и невозвратената љубов и внимание даваат морбиден тон на летните авантури.
„Фалкон Лејк“ во својата суштина е атмсферична љубовна приказна, која бавно се распламтува. Ова е силен почеток за Ле Бон, кој ни ги доближува стравовите што почнуваме да ги прифаќаме на рана возраст. Духовите од нашето детство и тинејџерските години несомнено нѐ прогонуваат сите нас, без разлика дали тоа е фасцинација со смртта или нашата сопствена интровертност. „Фалкон Лејк“ е прекрасна слатко-горка соната, со трогателен поглед кон растењето, културниот шок, механизмите за справување, бунтот и сексуалноста.