Во полскиот пограничен град Пшемишл беше забележан бран на враќања на украински бегалци во својата татковина, пренесува Уна Хајдари за „Политико“

Нов феномен на украинската бегалска криза

Полскиот град Пшемишл на украинската граница е сведок на изненадувачки феномен, според кој, илјадници украински бегалци се враќаат во својата татковина, иако конфликтот сè уште трае. Според бројките на полската гранична полиција, се проценува дека се вратиле најмалку 370.000 Украинци од почетокот на руската специјална воена операција. Причините за враќањето се различни. Некои бегалци останале без пари или не можат да најдат или да си дозволат сместување надвор од бегалските кампови. Особено во Полска, доцнењето во добивањето средства за егзистенција од Владата доведе до тоа некои да одлучат да се вратат дома во Украина.
На железничката станица во Пшемишл беа забележани долги редици луѓе пред возовите што заминуваа за Лавов, Киев и за Одеса, кои инаку се враќаа празни во Украина на почетокот на конфликтот. Со недели, Пшемишл беше најголемиот центар во Европа за Украинците што бегаа од својата татковина и за илјадници нови бегалци што сè уште пристигнуваат секој ден. Речиси на секој излог е поставено украинското знаме, а банери и билборди што ги пречекуваат Украинците се гледаат низ целиот средновековен полски град, кој беше популарна туристичка дестинација пред пандемијата. На станицата во Пшемишл, оние што бегаат и оние што се враќаат сега се вкрстуваат по неколку часа секој ден и ги разменуваат своите искуства.

Исто така, таму се присутни меѓународни волонтери од западноевропските земји, како што се Велика Британија и Шпанија, кои им помагаат на луѓето што пристигнуваат да добијат топол оброк, патни билети, облека, играчки за своите деца, па дури и вакцини за своите миленици. Волонтерите исто така пријавуваат дека бегалците се враќаат назад во значителен број. На почетокот, само еден или двајца луѓе се враќале назад, обично за да ги си ги земат домашните миленици или членовите на семејството откако прво сами ја напуштиле земјата. Други волонтери велат дека ЕУ треба да признае дека повеќето украински бегалци сакаат да останат во Полска или во Молдавија, каде што јазикот и околината се повеќе слични на нивните и дека средствата треба да се пренасочат таму од остатокот од блокот.
Дариуш Стола, историчар од Полската академија на науките, вели дека дури и за време на миграции во време на мир, голем број луѓе одлучуваат да се вратат дури и кога имале намера да останат, бидејќи искуството со миграцијата не е она што тие очекувале да биде. Друга причина е тоа што емоционалните потреби на некои луѓе може да бидат посилни од стравот од конфликт. Оние што заминале на почетокот можеле да одлучат дека е подобро за нив да останат со семејството и пријателите и луѓето што ги сакаат, наместо да бидат далеку и да се будат секој ден загрижени за тоа што се случило со нивните партнери, родители и другите што ги оставиле зад себе во Украина.