Комисијата сака картелот да почне да функционира до ова лето, за да може Унијата да ги наполни резервите пред зимската грејна сезона

Европскиот блок никогаш не успеа да воспостави заеднички систем за купување гас и има добри причини зошто тоа е така, истакнува Америка Хернандез за „Политико“

Пет причини за можен хаос меѓу европските членки

Конфликтот на истокот на Стариот Континент ги заживеа старите планови на Европската Унија (ЕУ) да формира моќен картел за да купува природен гас како блок. Ако успее, идејата би била Унијата да игра клучна улога на светските пазари на гас и да ја зајакне својата геополитичка позиција, додека истовремено ја намалува нејзината зависност од рускиот увоз на енергија. Лидерите на ЕУ неодамна се согласија да работат заедно на доброволно заедничко купување гас и други горива, оптимално искористувајќи ја колективната политичка и пазарна тежина на блокот и на неговите членки за да ги намалат цените во преговорите. Идејата е ваквиот модел да се потпира на успехот на ЕУ во заедничкото купување вакцини. Но гасот е многу попроблематичен од лековите.
Има причина зошто минатите напори за воспоставување заеднички систем за купување гас пропаднаа. Формирањето картел за набавка отвора потенцијални проблеми со европскиот закон за конкуренција што може да доведе до расправии меѓу земјите за пристап до снабдувањето и да поттикне потенцијални судири меѓу енергетските компании и владите, но и да го наруши актуелниот светски пазар на гас.

Ќе функционира само ако сите се согласни

Куповната моќ најдобро функционира ако се купува многу, а сега не е јасно колкав удел од гасот на блокот би спаѓал во предложената заедничка програма за набавки. Според планот, Европската комисија сака да постави договорна платформа за заинтересираните земји, со правење нарачки за гас и усогласување на набавките преку билатерални преговори со големите производители на гас. Претставници на земјите од ЕУ ќе седнат во управниот одбор за работната група предводена од Брисел. Но многу земји од Унијата веќе се поврзани со долгорочни договори за гас. Ако заедничката платформа купува само еквивалент на дополнително количество, таа ќе биде помалку привлечна.

Политичко влијание за набавка на гасот

Сегашната светска криза со гас значи дека производителите имаат рекордно високи цени за нивната ограничена понуда, а ќе треба да им бидат понудени сериозни зделки за да размислат за продажба во ЕУ по пониски стапки, особено ако тоа значи да се откажат од долгогодишните клиенти. Георг Захман, соработник во институтот „Брејгел“ во Брисел, вели дека многу пари се во игра, а ако комисијата потпише договори вредни десетици милијарди евра со државни компании во спорни земји, постојат политички размислувања што би можеле да влијаат на одлуката за тоа кој да купи од каде и колку да плати.

Нарушување на конкурентските правила во ЕУ

Здружувањето за да се намалат цените може да се гледа како нелегален картел, во зависност од тоа кој купува и колку се споделуваат доверливи информации за цената. Комисијата беше нејасна за тоа кој ќе биде официјалниот купувач, додека францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека нема да бидат владите, туку компаниите што би ги потпишале ваквите договори. Но тоа што ЕУ преговара за поволни зделки за приватни или делумно државни енергетски компании на специјална платформа, го зголемува алармот за антимонополска тревога. Другиот проблем е што за да се добие подобра зделка, мора да се споделуваат релативно чувствителни комерцијални информации што може да доведат до премолчено договарање, бидејќи сите ќе ја знаат цената на секого, што вообичаено не им се открива на конкурентите. Еден начин да се реши тоа е компаниите доверливо да споделуваат информации со комисијата. Законот за конкуренција на ЕУ, исто така, дозволува исклучоци со доставување доказ дека договорот резултирал со подобрена дистрибуција на стоки и пофер споделување на придобивките меѓу потрошувачите.

Главоболки со распределбата на гасот

Европските земји имаат различни нивоа на зависност од руски гас и не секоја членка има складишта или директен пристап до увозен терминал за товар што пристигнува преку брод. Тоа создава проблеми при распределбата на обемот и пресметувањето на конечните цени, кои ќе се разликуваат откако ќе се додадат надоместоците за повторно втечнување на течниот природен гас (ТПГ) и плаќањето на транзитните трошоци за да се стигне до крајната земја-корисник преку гасоводот. Создавањето клуб што ќе купува течен и транзитен гас може да предизвика уште поголема загриженост против монополот. Исто така, нема гаранција дека земјите што имаат складишта на гас ќе ги испорачаат ветените количества до своите соседи доколку се јави потреба за зголемена потрошувачка дома.

Цената на гасот и натаму е висока

Комисијата сака картелот да почне да функционира до ова лето, за да може Унијата да ги наполни резервите пред зимската грејна сезона. Но Унијата е таков џин на пазарот на гас што секој исказ надвор од Брисел влијае на цените. Во март, комисијата предложи земјите да се задолжат и да ги наполнат своите резерви до 90 отсто до 1 октомври, што доведе до зголемени цени од околу 70 евра за мегават-час во јануари на рекордни 210 евра на почетокот на март. Комисијата брзо се повлече и рече дека сака резервите да се пополнат до 80 проценти до 1 ноември, што предизвика пад на цените на 108 евра. Тоа е пример за неочекувани последици од интервенција на пазарот, а постоењето на картелот може да има слични влијанија.