Пандемијата и климатската криза ја истакнаа важноста на научната писменост и образованието, како и потребата за борба против глобалните нееднаквости, пишува Џанг Џихао за „Чајна дејли“

Кинеската научна заедница ќе соработува со меѓународни колеги за да ја промовира научната писменост, за подобро да ги обучи луѓето во светот со знаење за да донесуваат информирани одлуки поврзани со науката и технологијата и да им помогне да се справат со критичните глобални предизвици.
Џанг Јуџуо, потпретседател на кинеската асоцијација за наука и технологија, посочи дека заедничките предизвици, како што се климатските промени, загадувањето на морињата, губењето на биолошката разновидност и опустинувањето, ги загрозуваат екосистемите на Земјата и животот на човекот воопшто. Џанг рече дека Кина посветува големо внимание на изградбата на еколошка цивилизација и учествува во глобалното управување со животната средина, водена од принципите на иновации, координација, зелен развој, отвореност и споделување.
Градењето на консензусот, остварувањето на заедничките одговорности, продлабочувањето на практичната соработка и поттикнувањето на споделувањето на знаењето ќе бидат клучни за подобрување на научната писменост за зелен одржлив развој – истакна тој.
Питер Глукман, претседател на Меѓународниот научен совет, рече дека научно писмениот човек треба да знае што може и што не може да направи науката и како таа се поврзува и се интегрира со другите системи на знаење.

Според него, наоѓањето точен и ефективен начин за соопштување на научното знаење до јавноста во услови на неизвесност и ризик е предизвик што глобалната научна заедница и експертите треба да се стремат да го надминат.
Роман Муренци, извршен директор на Светската академија на науките, истакна дека научната писменост е континуитет на учење што им овозможува на поединците да ги постигнат своите цели, да ги развијат своето знаење и потенцијал и целосно да учествуваат во поширокото општество. Тој смета дека токму пандемијата и климатската криза ја истакнаа важноста на научната писменост и образованието, како и потребата за борба против глобалните нееднаквости.
Промовирањето на научните пристапи и употребата на анализи засновани на докази, заедно со долгорочните инвестиции во научните институции во земјите во развој, ќе помогнат да се намалат нееднаквостите и да се издигне научната писменост во овие региони – додаде тој.

Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска