Довербата во вестите опадна во многу земји низ светот, по привременото зголемување за време на екот на пандемијата, иако сè уште останува повисока отколку пред почетокот на здравствената криза. Ова е според извештајот за дигитални вести за 2022 година на институтот „Ројтерс“, кој анкетираше 93.000 потрошувачи на 46 пазари за низа теми за дигитални вести, кои се движат од перцепциите за медиумското покривање на војната во Украина до променливите навики на помладите потрошувачи и каде луѓето читаат вести за климата.

Целокупната доверба во вестите паднала во 21 од 46 анализирани пазари, додека 18 пазари останале на слично ниво и само седум забележале пораст. Финска имаше најголем удел на испитаници што се согласуваат дека „во поголемиот дел од времето може да им веруваат на вестите“, со 69 отсто, што претставува зголемување од четири процентни поени од последното издание на извештајот. САД постигнаа мал напредок и сè уште се на дното на рангирањето, заедно со Словачка, со само 26 отсто од луѓето што им веруваат на вестите во поголемиот дел од времето, што е намалување од три процентни поени во однос на претходната година.

Во Латинска Америка довербата беше намалена во Бразил (-6 процентни поени) и во Колумбија (-3) од февруари 2022 година, но на исто ниво или мали подобрувања беа забележани во другите земји. Во меѓувреме, од анализираните земји во Африка, Јужна Африка (+9) и Нигерија (+4) забележаа подобрувања, додека Кенија забележа намалување (-4). Во Азија, довербата во вестите падна во Малезија (-5) и во Тајван (-4), но порасна на Филипините (+5) и во Јапонија (+2).

Според извештајот, додека мнозинството луѓе низ земјите редовно ги следат вестите, државите со пониско ниво на доверба во вестите, како што се САД (26 отсто), Велика Британија (34 отсто), Франција (29 отсто) и Словачка (26 отсто), имаа тенденција да забележат некои од највисоките нивоа на селективно избегнување и опаѓање на интересот за нив. Причините наведени за селективно избегнување вести вклучуваат одбивност поради повторувањето, појава на чувство на исцрпеност, намалување на расположението што доведува до чувство на немоќ, премногу биле тешки за разбирање или дека не можело да им се верува.