Европската Унија е зависна од увозот на крвна плазма, главно од платени донатори во САД, каде што просечната исплата по дарување плазма е 80-85 долари

Пациентите и здравствените работници во исчекување на одлуката на Европската комисија

Европските политичари се на пат да го решат долгогодишното табу дали да се наплаќа донирањето крвна плазма. На Европската Унија (ЕУ) ѝ недостига плазма потребна за производство на лекови што спасуваат животи. Таа е зависна од увозот, главно од платени дарители во САД, за да се задоволат потребите на околу 300.000 луѓе на кои им се потребни медицински производи добиени од плазма (ПДМП). Поборниците на двете страни во дебатата се во исчекување додека Европската комисија ја прегледува легислативата што ги регулира крвта и крвните компоненти, за првпат по 20 години. Предложените ревизии, кои се очекуваат до крајот на јуни, би можеле да ги одбранат неплатените донации или експлицитно да бараат компензација за да се реши европскиот недостиг од плазма. За многумина, идејата да се плати за плазма предизвикува загриженост за искористување на човечкото тело. За други, плаќањето на дарителите рамна такса треба да биде дел од решението за недостигот од плазма во ЕУ. Пациентите и нивните семејства, исто така, се загрижени за зависноста на ЕУ од американската плазма.

Понуда и побарувачка

Собирањето крвна плазма главно се води од јавни и невладини организации, кои во голема мера се потпираат на неплатени дарители. Само четири земји, Германија, Австрија, Унгарија и Чешка, имаат резерви од јавниот и од приватниот сектор, дозволувајќи им на дарителите на плазма да добијат компензација со паушален надоместок. Во 2020 година, резервите од приватниот сектор сочинуваа 44 отсто, главно од плазмафереза преку која се издвојува само плазма. Четирите држави, преку приватните и јавните резерви, обезбедија 58 отсто од плазмата во ЕУ потребна за производство на лекови. Кога станува збор за количеството имуноглобулини, сликата значително се промени во текот на последните 10 години, со тоа што ЕУ се префрли на увоз од САД за да задоволи 38 отсто од потребите во 2020 година. Побарувачката за имуноглобулини порасна за шест-осум отсто годишно, што го продлабочува структурниот дефицит, објасни Јохан Превот, извршен директор на Меѓународната организација на пациенти со примарен имунолошки дефицит.

Цената на плазмата

Дебатата за тоа дали да се наплаќа дарувањето крвна плазма трае со години, а прашања има околу тоа и што претставува компензацијата. Иако само претходно споменатите четири земји даваат паушална исплата, многу други нудат слободен ден и ваучери. Во САД, просечната исплата по дарување плазма е 80-85 долари, вклучувајќи бонуси. Дарителите на плазма во Австрија добиваат во просек по 30 евра по донација. Тие можат да даруваат плазма преку плазмафереза ​​максимум 50 пати годишно. Воведени се строги правила за да се гарантира дека квалитетот на производот и безбедноста на дарителот не се загрозени. Одлуката дали да се дозволи плаќање на дарителите на плазма во ЕУ ќе биде на членките. Но клучот за зајакнување на резервите на плазма, всушност, може да лежи во ревидираната директива за крв.

Како да се намали јазот во понудата?

Постојат надежи дека промените би можеле да обезбедат „доволни, регионални резерви на плазма“ што нема да зависат од неочекуваните нарушувања во снабдувањето од САД. Но не сите се согласуваат дека плаќањето за плазма е она што е потребно за да се намали зависноста на Европа. Во една несакана последица, редовните крводарители може да бидат привлечени од паричните стимулации со дарување плазма наместо крв. Има два аспекта за намалување на јазот во понудата на плазма во Европа. Од страна на понудата, од клучно значење е дополнително да се инвестира во јавните претпријатија. За да се ограничи побарувачката, лековите добиени од плазма треба да се наменат за болести каде што е докажано дека дејствуваат, а не во случаи кога дејството не е јасно. Некои влади поставија цели за резерви на плазма. Белгија цели на пет отсто годишно зголемување на собирањето плазма од 2018 година. Исто така, етичарите многу години го разгледуваа прашањето дали на луѓето треба да им се наплаќа за дарување на нивните телесни материи.
Тука се поставува и прашањето за профитот. Во 2020 година, лековите добиени од плазма генерираа продажба од 4,6 милијарди долари во ЕУ (со исклучок на Велика Британија). Со тоа што фармацевтските компании остваруваат профит, постои ризик дека дарителите ќе бидат единствениот дел од системот што не се плаќа, сметаат експертите. Според нив, можеби е оправдано да се платат дарителите, но на тоа може да гледа како на „јавна“ донација на ист начин како што се финансираат основните истражувања од јавни пари, кои подоцна се користат од приватниот сектор за генерирање профит.