Јужноморавскиот иновативен центар (ЈИЦ) беше еден од првите технолошки инкубатори во источниот дел на Европската Унија (ЕУ). Денес, неговиот успех го направи магнет за претприемачи и компании со меѓународна перспектива

Поттикнување на иновациите и вложување во младите

Брно некогаш беше познат по својата текстилна индустрија. Но неговиот последователен пад кон крајот на 20 век значеше дека вториот по големина град во Чешка мораше повторно да заживее и да го искористи својот потенцијал.
Пред 20 години, во Брно беше формиран нов деловен центар. Јужноморавскиот иновативен центар (ЈИЦ) беше еден од првите технолошки инкубатори во источниот дел на Европската Унија (ЕУ). Денес, неговиот успех го направи магнет за претприемачи и компании со меѓународна перспектива.

Како до успешна приказна

Во досегашното работење на ЈИЦ, неколку стотини компании што ги користат неговите услуги имаат остварено обрт од околу 700 милиони евра, истакна Михал Весели, главен маркетинг-директор во ЈИЦ. Така, компанијата „ИДЕА статика“ започна од нула во ЈИЦ пред 12 години. Како експерт за бетонски и челични врски, компанијата сега е една од светските лидери во нивниот сектор, со повеќе од 6.500 клиенти.
Јурај Сабатка, извршен директор на „ИДЕА статика“ истакна за „Јуроњуз“ дека ЈИЦ им помага на компаниите во понатамошниот развој. Советодавниот фактор исто така игра улога, а тоа значи разговор со заедницата и користење на специјализираните услуги што ги обезбедува ЈИЦ. Ова значи дека тие можат да ги прегледаат бизнис-планот на фирмата, пазарниот модел, како и развојните операции и потоа ќе излезат со совет што ќе помогне во понатамошното успешно работење.

Отворање кон европскиот пазар

ЈИЦ придонесе за создавање на повеќе од 3.500 квалификувани работни места од 2003 година. Неговиот вкупен буџет надминува 12,5 милиони евра, од кои 72 отсто се финансирани од Европската кохезивна политика.
Едно од мотото на групата е „претприемништво за подобар свет“. ЈИЦ поддржува стартап-компании како што е „Тиера верде“, која е специјализирана за еколошки производи за чистење. Таа започна со продажба на органски сапун. Сега таа на пазарот нуди дури 250 производи.
Извршниот директор на „Тиера верде“, Јан Чилик, изјави за „Јуроњуз“ дека „во моментов ЈИЦ ѝ помага на неговата фирма со два проекта. Еден е фокусиран на автоматизација, а вториот е фокусиран на одржливост. Исто така центарот помага и со отворање кон европскиот пазар.

Вложување во студентите

Во обид да ја поттикне и да ја зголеми претприемничката свест, ЈИЦ сега обезбедува обуки за идните бизнис-лидери. Работилниците и активностите се одржуваат во соработка со чешките универзитети и се надеваат дека ќе ги поттикнат младите од регионот да развијат идеи што ќе направат позитивна разлика во годините и децениите што доаѓаат.
Вероника Рејшкова, тим-лидерка во тимот за развој на студенти на ЈИЦ, смета дека на студентите им се пренесуваат добри вредности како храброста. Рејшкова додава и дека се става акцент на слободата како сопствен избор на младите што ќе направат, а исто така можеби и на креативноста, дека навистина можат да изнесат нешто многу ново, за што никој претходно не слушнал.
Како знак на признание за нивниот досегашен успех, ЈИЦ беше номиниран за наградата „РЕГИОСТАРС“ за 2022 година, која ги слави најдобрите европски проекти финансирани од ЕУ во рамките на политиката на кохезија.