Нов модел за членство во ЕУ што повеќе ќе вклучува отколку што ќе исклучува

Кога неодамна во Брисел се собраа лидерите на членки на Европската Унија (ЕУ), на менито беа ставени најважните одлуки за проширување од времето на Студената војна досега. Донесените одлуки долгорочно ќе ја обликуваат европската иднина. Овде помалку станува збор за правни техники, а повеќе за геополитика и за капацитетот за дејствување на Унијата. Проширувањето треба да се случи без многу одложување, а во исто време мора да се напуштат традиционалните патишта кои водат до европското членство. Од една страна е украинскиот конфликт кој ја подели Европа на трајна основа. Од друга страна се 40-те европски држави, почнувајќи од Грузија, Украина и Молдавија, преку Западен Балкан, па сè до Ирска и Велика Британија. Повеќето од овие земји веруваат во демократија, меѓународно право и заемна соработка.
Во суштина, главната тема беше како да се организира новата Европа. Клуч за ова е да се обезбеди сите согласни и способни европски демократии да имаат јасен и реален пат кон членство или, доколку не сакаат да се приклучат, кон алтернативна форма на соработка. Постојат многубројни начини за да се постигне ова. Еден од предлозите би бил создавање на конфедерална Европа на три нивоа, која е флексибилна и отворена за сите расположени и способни европски држави. Трите нивоа би биле: Европска Унија, Европска Заедница и Европска Зона. Овој модел не исклучува, туку вклучува. Во кое ниво една земја ќе се приклучи ќе зависи од нејзиниот сопствен избор и од нејзиниот капацитет за исполнување на критериумите.
Според вака организираниот модел, ЕУ би продолжила да функционира како и досега. Нејзината функционална структура би останала иста. Сепак, повеќе не би постоеле барања за едногласност во однос на сите прашања, па оттука, носењето одлуки би било поефикасно. Унијата би станала пофлексибилна во одржувањето на својот политички фокус. ЕУ би била и регулатор и актер. Би немало дефинитивни состојби, туку само процес. Унијата би ги направила неопходните институционални измени, со употреба на преминливата клаузула (измена на законодавната процедура без формална измена на договорите).
Европската Заедница во основа би ја сочинувале земји што водат пристапни преговори, имаат кандидатски статус или изразиле желба да се приклучат кон Унијата. Целта би била тие што побрзо да се приближат до структурите и институциите за носење одлуки во ЕУ. Ова би вклучувало двегодишен заеднички европски совет, состаноци на министерско ниво и учество во работните групи на советот без право на глас. Овие земји би имале повеќе формални врски со Европскиот парламент и Европската комисија. Исто така, во раната фаза тие би требало да ги усвојат клучните политики, како што се Европскиот зелен договор и Заедничката надворешна и безбедносна политика.

Европската Зона би вклучувала држави што не планираат во скоро време да се приклучат кон ЕУ. Тука спаѓаат Велика Британија, Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Овде фокусот би бил на економска и безбедносна соработка, како и на поблиски институционални релации. Лидерите на сите 40 земји би требало да се среќаваат најмалку еднаш годишно.
Проширувањето отсекогаш се фокусирало на мир, просперитет и стабилност. Никогаш не треба да се потцени моќта за трансформација на членството, без разлика дали се однесува на економски или политички план. Одредени проширувања можеби навидум изгледаа како полесни од другите, но сите тие вклучуваат долги и сложени преговори. Во рамките на Унијата традиционално има земји што поддржуваат проширување и оние што не го сакаат. Овој пат нема избор. Нерешителноста ќе доведе до фрустрација и нестабилност. Нема место за безначајни, ниски „мајсторлаци“ или домашни политики. Овде станува збор за висока политика, мир и иднина за Европа.
ЕУ мора да биде подготвена поскоро да им излезе во пресрет на поголем број нови членки. Секако, тоа ќе значи тешки одлуки и компромиси. Меѓутоа, вистината гласи дека проширувањето на Унијата е најдобрата геополитичка алатка на новиот безбедносен поредок на Европа. Унијата има стратегиска автономија и историска обврска да се занимава со оваа задача. Една нова конфедерална Европа би обезбедила инструмент за сето тоа да се изведе постепено, но без никакво колебање.