Што значи повикот на претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, упатен до сите научници повратници во Кина, да ги здружат талентите и силите?

Претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, го повика Здружението на научници што се вратиле од Западот да собере таленти од целиот свет, за да ја здружат силата на креативноста за развој на својата татковина.

Повикот на кинескиот претседател е суштествен пример за
државништво и патриотизам

Претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, деновиве упати писмо со честитки до Здружението на научници што се вратиле од Западот, кое ја слави 110-годишнината од своето основање, во кое, покрај изразите на топли честитки за јубилејот, тој упати благодарност за придонесот на здружението во обединувањето на кинеските студенти и научници од странство, но пред сѐ, тој го повика здружението „да продолжи да ја игра својата улога како центар за обединување на талентите во служба на земјата, институт за добри идеи и предлози!“
Кинескиот претседател, образложувајќи ја суштинската улога на науката, истражувањето, образованието, креативноста и посветеноста, рече дека се надева оти „кинески студенти и научници ќе ја продолжат својата патриотска традиција, ќе му служат на народот, ќе останат самоуверени, ќе отворат нови терени, ќе напредуваат и ќе одржат отворен и инклузивен ум за промовирање на размената и заемното учење меѓу Кина и други земји!“
Имено, токму пред една недела во Пекинг се одржа собир за прослава на 110-годишнината на споменатото здружение. На настанот се обрати Ванг Ху-нинг, член на Постојаниот комитет на Политичкото биро на Централниот комитет на КЗК и претседател на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција на Кина, највисокото политичко советодавно тело на нацијата. Ванг изрази надеж дека кинеските студенти и научници ќе ги имаат на ум барањата на претседателот Шји Џјинпинг и го повика здружението подобро да ги обединува студентите и научниците околу партијата.
Ова е уште еден пример што треба да го следат многу земји и нации, за тоа како се третира образованието, а особено науката, и на каков висок општествен пиедестал се ставаат научното истражување и достигнувања, што претставува највисок дострел на патриотизам во служба на својата татковина и нација.
Овој пример треба да го следат и многу земји и лидери од светот, вклучувајќи ја и на нашата држава Македонија, бидејќи науката е област што дава импулс во сите општествени сфери, особено во економијата, за една држава да се движи по патот на одржлив развој и да има конкурентска предност во суровиот свет на меѓународниот бизнис.