Најновиот извештај на ООН за жариштата на глад ги посочува земјите каде што значителен дел од населението се соочува со сериозен недостиг од храна и каде што постои ризик од дополнително влошување на состојбата. Извештајот ги гледа најголемите проблеми во африканската зона Сахел (Буркина Фасо, Мали), како и во Нигерија, Судан, Јужен Судан, Сомалија, Јемен, Хаити и Авганистан. Група фактори, кои за повеќето земји се состојат од комбинација на економски шокови, конфликти и несигурност, како и раселување и природни катастрофи, беа идентификувани од ООН како причина за појава на глад.
Кризата со недостиг од храна и ризикот од неа се забележува и во други делови на Африка, имено, во Етиопија, Кенија, Централноафриканската Република и Демократска Република Конго, како и во Сирија, Пакистан и Мјанмар. Таа се дефинира како фаза на несигурност во обезбедување храна во која домаќинствата ги користат последните ресурси, како што е продажбата на предмети, за да се справат со недостигот во снабдувањето со храна.
На листата се наоѓаат уште неколку земји во Африка, Венецуела и Колумбија, како и Северна Кореја. За време на пандемијата, оваа последна земја уште еднаш го ограничи движењето на луѓето или стоките преку своите граници на минимум, ограничувајќи го и протокот на информации за состојбата на нејзиното население. Сепак, имаше извештаи за акутен недостиг од храна и смртни случаи од глад во земјата, се вели во еден скорашен извештај на „Би-би-си“, во кој тајно беа собирани податоци во Северна Кореја.