Сингапур, Хонгконг и Осака неодамна беа рангирани како најскапи градови за живеење во светот во 2020 година, но тоа брзо може да се промени поради економските последици од пандемијата

Светските метрополи кои заработуваат најмногу од туризмот би можеле да станат поевтини во наредниот период како што ќе слабеат економиите, а цените ќе паѓаат поради последиците од ширењето на коронавирусот. Ова е едно од предвидувањата на истражувачкиот оддел на „Економист“, Економист интелиџенс јунит (ЕИУ), кој ги следи трошоците за живот на глобално ниво.

Светското истражување за трошоците за живот за 2020 година е спроведено во ноември 2019 година, пред коронавирусот да се рашири во светот. Следното истражување на оваа тема можеби ќе изгледа многу поинаку, посочува Би-би-си.
– Метрополите кои се потпираат најмногу на заработката од туризмот во иднина ќе бележат пад на заработките од таа гранка, а со тоа ќе се намалат и средствата во градските каси. Тоа во превод значи дека Сингапур и Хонгконг нема да можат да го задржат првото место на листата на најскапи метрополи во светот во иднина. На тронот наскоро се очекува да имаме нов град кој ќе биде на листата од метрополи со најскапо живеење – вели Симон Баптист, економист на ЕИУ.

Влијанието на коронавирусот ја разниша светската економија, при што патничката и туристичката индустрија се најдоа на најголем удар. Хонгконг и Сингапур се двете метрополи што може да забележат голем пад на приходите, зашто е намалена побарувачката за туристички сместувања и резервации во рестораните и во другите угостителски објекти. Оваа послаба побарувачка истовремено може и да ги намали и цените, правејќи ги овие места за живеење поевтини за своите жители.
Во извештајот на ЕИУ, меѓу другото, се наведува дека Осака полека го исфрла Париз од листата на трите најскапи градови за живеење во светот, бидејќи сѐ посилниот јен го направи третиот град во Јапонија поскап за живот.

Истражувачите при анализата разгледуваа повеќе од 400 цени на 160 производи и услуги. Во анализата биле вклучени и електричните уреди и автомобилите, кои беа изложени на прекин во снабдувањата со компоненти од Кина. Автомобилската индустрија беше најлошо погодена од затворањето на фабриките во Кина во јануари и во февруари, но производството сега постепено се враќа на нивото пред избивањето на пандемијата на коронавирусот. Ова во иднина би можело да резултира со поевтинување на автомобилите, бидејќи производителите и дилерите се соочуваат со големи резерви на автомобили во нивните фабрики и хангари.

– Откако ќе почне да се враќа побарувачката, генерално очекуваме дека цените на возилата ќе бидат пониски, а не повисоки, бидејќи автопроизводителите, но и дилерите ќе се обидуваат за брзо време да ги заработат изгубените приходи од коронавирусот. Во некои земји или региони, каде што автоиндустријата е значајна, државните субвенции дополнително ќе придонесат за намалување на цените – вели Ана Николс, директорка на ЕИУ.
Според неа, потрошувачите дополнително може да се префрлат на одредени брендови автомобили со посилни синџири на снабдување и со помалку прекини предизвикани од ширењето на вирусот.
Од друга страна, ЕИУ предвидува дека трошоците за живот во некои градови може да се зголемат, бидејќи мерките на владите за запирање на ширењето на вирусот ги зголемуваат и трошоците на бизнисите.