Секоја година, крајот на април во Кинотеката е резервиран за доделување на „Златниот објектив“. Кинотеката им го доделува признанието на филмски автори и културни работници што преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинашниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуализацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално му се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да ѝ се приклучи на екипата во „Вардар филм“ каде што го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.
Свеченото врачување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи денеска, во 12 часот, во киносалата на Кинотеката на Македонија.