Фото: Приватна архива

Едвај чекаме да застанеме на сцената на „Детскиот евросонг“ во Ереван, Ерменија, каде што ќе се одржи 20-то јубилејно издание на фестивалот, порачуваат младите
таленти

Средба со македонските претставници на „Детскиот евросонг 2022“, кој ќе се одржи на 11 декември, во Ерменија

Позитивна песна со убава порака, која дава надеж за подобро утре, прекрасна, симпатична песна, со убава изведба и интересен спот. Едвај чекам да ја слушнам во живо, мелодија што се лепи за уво, сигурен сум дека ќе биде во првите десет на фестивалот, убав јазик, фантастична песна, не можам да престанам да ја слушам, хитовски рефрен што потсетува на старите изданија на „Детска евровизија“, но и на „Евровизија“ воопшто, убава енергија, Македонија го задржа ланското ниво со „Дајте музика“ и „Зелените сили“… Ова се само дел од коментарите што можат да се прочитаат под линкот на песната „Животот е пред мене“, со која на 11 декември во Ереван, главниот град на Ерменија, Лара, Јован и Ирина ќе ја претставуваат Македонија на „Детската евровизија“.

Многу комплименти од сите страни на светот, а секако и голема поддршка дома. Веднаш откако во петокот Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на нашата земја на „Детска евровизија“, го претстави видеоспотот за песна „Животот е пред мене“, со која ќе учествуваме на 20-то, јубилејно издание на „Јуниорскиот евросонг“, во режија на Огнен Шапковски, кој се најде и на официјалната евровизиска страница, на социјалните мрежи прочитавме исто така многу убави зборови и желби и нашиот годинашен пласман на овој избор да биде одличен како и досега, а зошто не и многу подобар.
„Животот е пред мене“, која шармантно и весело ја пеат тинејџерите Лара, Јован и Ирина, е создадена во музичката работилница на семејството Трпчески. Автор на музиката е нашиот познат и меѓународно признаен пијанист Симон Трпчески, таткото на Лара, текстот е на Јован Трпчески и Лара Трпческа, а аранжманот и продукцијата се на Дарко Димитров.
Симон Трпчески, кој периодов одржува концерти во САД, на својот профил на Фејсбук им посака среќа на Лара, Јован и на Ирина.
– Горд сум што сум дел од македонскиот тим – Лара (мојата ќерка), Јован и Ирина, кои ќе ја претставуваат Македонија на годинашниот „Детски евросонг“ во Ерменија! Одлична инспирација за моите претстојни концерти со прекрасниот оркестар на Минесота! Децата се иднината! Животот е пред нас, тоа е вистинскиот дух! Напред, Лара, Јован и Ирина! – порача Симон Трпчески.

А во Македонската телевизија веќе се во тек подготовките за изборот. Според Раде Спасовски, шефот на Македонската делегација на „Детската евровизија“, веќе се работи на кореографијата, а за што подобар визуелен впечаток на сцената ќе бидат и младите танчарки: Александра Митевска и Мила Илиќ Анчева.
– Дел од песната ќе се пее на англиски јазик, поточно една строфа, што е според евровизиските пропозиции. Инаку, сите ние како тим сме задоволни од сѐ што е направено досега, како звучи песната, од спотот, кој освен што е разигран и весел, доловува и убави предели од Македонија, и мислиме дека направивме еден убав евровизиски пакет – вели Спасовски.
Но кои се всушност младите таленти, кои, како што велат, едвај чекаат да застанат на сцената на „Детскиот евросонг“?

Приватна архива на семејството Трпчески
Приватна архива на семејството Трпчески

Лара: Имаме време да постигнеме сѐ што посакуваме!

Лара Трпческа на 11 декември ќе наполни 13 години.Уште од најмала возраст покажала интерес за различни уметности – музика, балет, литература,театар… Како еден од најмладите учесници, на петгодишна возраст настапила на „Златно славејче“, во 2015 година, со песната „Непослушно маче“, која до денес е многу слушана.Основното музичко образование завршила во музичкото училиште „Пијано форте“, а часови по виолина посетувала кај професорките Марина Чадо и Дијана Мирчевска. Првонаградена е на националниот натпревар „Полихимнија“ во 2018 година, кога освои второ место на меѓународниот натпревар „Тартини“ во Пиран, Словенија.Истата година учествува во првиот детски мјузикл на македонски јазик, од деца за деца, „Земјата до која не се стигнува“, во режија на Виолета Џолева, каде што се запознава со Ирина Давидовска, со која ќе ја дели сцената и во Ереван.
Учествувала и на драмскиот спектакл по повод 50-годишнината на Факултетот за драмски уметности во 2019 година, а дел е и од детската ТВ-серија „Зоки Поки“. Лара е редовна учесничка на завршните училишни манифестации, а беше избрана и за водителка на новоформираното училиште „ИПС Македонија“ (IPS International Primary School Macedonia), каде што моментално учи.
Годинава на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, во пијано-придружба на татко ѝ Симон Трпчески, ја исполни песната „Овој свет“, која своевремено ја отпеа Тоше Проески.

– Мојата евровизиска приказна започна со победата на аудицијата што беше одржана во јуни, каде што бевме избрани да ја претставуваме нашата држава на годинешната јубилејна „Детска евровизија“, во Ереван. Приказната продолжи со снимањето на „Животот е пред мене“ во магичното студио на Дарко Димитров. Уште од самиот почеток, атмосферата беше прекрасна. Навистина е убаво искуство да се работи со таков професионалец како него. Музиката отсекогаш ме исполнувала и со љубов сум правела сѐ што е поврзано со неа, па затоа и снимањето помина одлично, песната брзо беше готова, а јас со нетрпение чекав да ме известат што нѐ чека следно. Тоа беше снимањето на спотот. Најпрво неколку дена минавме во изборот на облека, за што се погрижи нашиот стилист Андреј Папаз, кој ќе биде задолжен и за нашиот изглед во Ереван. Дојде и долгоочекуваниот викенд. Тие три дена што ги поминавме снимајќи го спотот беа едни од најубавите и највозбудливи денови во мојот живот. Беа напорни, меѓутоа толку забавни и интересни, што уморот воопшто не успеа да нѐ совлада. Со нас неуморно работеше неверојатната екипа на продукцијата „Мелем“, предводена од режисерот Огнен Шапковски. Атмосферата беше толку позитивна и релаксирана, што мене тие три дена ми поминаа додека да трепнам – ни рече Лара.
Но таа ни откри и дека, иако има уште еден месец до настапот во Ереван, кај неа секојдневно расте возбудата.
– Секојдневно го вежбаме сценскиот настап, заедно со нашиот креативен кореограф Илија Карадакоски, кој цело време се труди да го направи уште подобар. Едвај чекам да настапам на евровизиската сцена во Ереван, на 11 декември, ден пред мојот роденден, а заеднички со Ирина и Јован и сите членови на тимот ќе дадеме сѐ од себе да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Нашата песна претставува дружба, радост и пренесува ведра порака, особено до тие што се во нашите тинејџерски години. Животот е пред нас и имаме време да постигнеме сѐ што посакуваме. А за љубовта? Уште е рано, ќе нѐ стигне и таа во некој момент – вели Лара Трпческа.

Ирина: Да му се радуваме на секој нов ден!

Ирина Давидовска има 13 години, а од рана возраст покажала интерес за различни видови уметност, особено за музика. Таа веќе осум години свири пијано во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2017 и 2018 година освоила две први места на меѓународни натпревари по пијано во Србија. Следната, 2019 г., на четвртиот меѓународен фестивал „Полихимнија“, е второнаградена. Во 2016 година станува членка на детскиот хор „Пиколо“, со кој настапи на фестивалот „Охридско лето“, заедно со Македонската филхармонија, а била дел и од оперска премиера во август 2018 година. Одржала целовечерен концерт во Музејот на македонската борба во јуни годинава, а учествувала и во снимање видео за издигање на еколошката свест меѓу младите.
Во 2018 година, Ирина е учесничка на првиот детски мјузикл на македонски јазик од деца за деца „Земјата до која не се стигнува“, во режија на Виолета Џолева, кога првпат настапи заедно со Лара.

– Евровизиската магија започна со снимањето на песната „Животот е пред мене“ во студиото на Дарко Димитров пред околу еден месец. За мене тоа беше едно огромно искуство и незаборавно доживување. Уживав во снимањето на песната, знаејќи дека го правам она што најмногу го сакам, а тоа е пеењето. Снимањето на спотот беше еден од најнезаборавните моменти во моето детство. Беше напорно, но напорот не е ништо во споредба со успехот постигнат по објавувањето на нашата видеоприказна. Режисерот Огнен Шапковски и целиот тим што стоеше зад нас ја направија нашата работа уште полесна и позабавна.
Песната е забавна, тинејџерска и за брзо време е позитивно прифатена од европската публика. „Животот е пред мене“ носи порака до тинејџерите дека уште многу нешта се пред нас и дека треба секој од нас да ужива и да му се радува на секој нов ден. А ние тројцата ќе дадеме сѐ од себе достојно да ја претставиме Македонија. Најважно од сѐ е дека ќе се дружиме, ќе се смееме и ќе се забавуваме – ни рече Ирина Давидовска.

Јован: Ги одбројувам деновите до настапот во Ереван!

Јован Јакимовски има 14 години. Од рана возраст пројавил интерес за многу различни области на науката, уметноста, литературата… Неговите почетоци во водите на уметноста започнуваат со учеството на детскиот музички фестивал „Суперѕвезда“ во 2014 година, со изведбата на песната „Power Rangers“. Својата приказна поврзана со танцување ја започна во 2017-та, а досега има освоено голем број награди, од кои највпечатливи се: две години по ред, 2018 и 2019 година, е државен шампион во хипхоп во детска категорија, а на меѓународниот фестивал „Сараево фест“ во Босна и Херцеговина беше најдобар солист во различни категории на хипхоп во 2018 г. Тој годинава освоил прво место со своето студио за танц во категоријата формации на меѓународни фестивали во Ниш, Србија, и во Солун, Грција, второнаграден бил на Светското првенство во хипхоп во 2018 година, а годинава влезе во полуфиналето на Европското првенство во хипхоп.
Тој е редовен ученик е во ОУ „Љубен Лапе“, каде што постигнува успех во сите области.
Јован покажува исклучителен интерес за областа на природните науки, каде што има освоено награди на државно ниво, меѓу кои прво место за физика и трета награда за биологија и математика. Покрај англискиот, активно учи германски и редовно учествува на литературни конкурси, каде што за време на пандемијата на ковид-19 го освои третото место за поема посветена на Европската Унија.

– Снимањето на спотот се одвиваше одлично. Создававме нови пријателства, мемории, незаборавни мигови, а како краен продукт добивме уникатен видеозапис. Јас сум презадоволен од оваа приказна, чиј дел сум и сум многу горд од тоа што заедно го создадовме со Лара и Ирина и со целата екипа. По излегувањето на песната на Јутјуб имаше многу позитивни коментари, кои ни покажаа дека на публиката ѝ се допаѓа тоа што сме го направиле. Инаку, јас сѐ што правам ме исполнува и се трудам да дадам сѐ од себе, но да не го запоставам училиштето. Дружбата со Лара и со Ирина е супер, сите даваме најразлични идеи и се договараме за сѐ, зашто привилегија и одговорност е да си дел од еден ваков проект. Јас го одбројувам времето до тргнувањето во Ереван, каде што се надевам дека ќе постигнеме одличен пласман – вели Јован Јакимоски.