Македонско домаќинство

Македонија има долга традиција на успешна организација на големи сениорски спортски настани, на пример во хокеј на мраз, кошарка, шах, одбојка, борење, ракомет, фудбал… Само некои од ефектите, оние највидливите, се изградени објекти за некои од овие настани, секако, и друга инфраструктура, а згора, секој од овие настани во Македонија донесе и голем број луѓе надвор од спортските терени, како гости, официјални лица, гледачи…, сето тоа заедно за значителен економски ефект, а сите тие покрај учество или посета на спортскиот настан, ја запознаваат и Македонија. Сево ова спаѓа во еден вид спортски туризам, еден од најбрзорастечките сектори на туризмот, за кој е важно и негувањето, но и воведувањето нови традиционални спортски приредби, оти покрај гледачите, спортски туристи се и активните учесници, професионалци или рекреативци, како, на пример, за атлетскиот или за пливачкиот маратон во Македонија. Организацијата на големите натпревари чини, но е и влог, оти потоа, секако, со прецизни процени, тоа носи и голема бенефиција, директна и индиректна. Добро би било спортската и друга инфраструктура во Македонија дополнително да се обновува, да се гради нова, за Македонија да биде секогаш подготвена да аплицира за домаќинство на регионален, европски или светски настан, домаќинство што низ годините секогаш го оправдувала

Европското првенство за ракометарки што деновиве се игра во Скопје е само уште едно во низата спортски натпревари од висок профил на кое Македонија е домаќин. А тоа домаќинство, проследено со одлична организација, веќе повеќе од половина век има многу повеќе од само спортски импакт. Секако, со самото одржување на одреден спортски настан се зголемува видливоста на тој спорт и на спортот воопшто, од што има повеќекратни бенефиции. Но да се биде домаќин на таков голем настан од континентални или од планетарни димензии е многу повеќе од само спортска презентација, шанса за спортска масовност како еден ефект по одржувањето на настанот, со кој, пак, се обезбедува многу важен дел од спортскиот перпетуум мобиле, квантитет во спортската база, кој може да донесе квалитет, кој, пак, може да донесе меѓународно мерлив резултат, а кој потоа би го затворил кругот со нов поттик за масовност во базата. Сето тоа проследено со уште поголема помош за сите спортски центри, за клубовите, академиите, школите, камповите… Секако, тој круг се затвора неколку години, но ефектите потоа се постојани.
Но добивањето организација на спортско натпреварување има и други ефекти. Македонија има долга традиција на успешна организација на големи сениорски спортски настани. Некои од нив се, на пример, Светското првенство во хокеј на мраз за мажи, група Ц, во 1969 година, Светското првенство за кошаркари во 1970 година, група за пласман од осмото до 14-то место, Шаховската олимпијада во 1972 година за мажи и за жени, Европското првенство за одбојкари во 1975 година, групна фаза, Светското првенство во борење во 1981 година за мажи, Европското првенство за ракометарки во 2008 година, Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) за мажи, Европското првенство во моментов, а в година Македонија ќе биде кодомаќин и на Европското првенство во одбојка за мажи. Во меѓувреме, во Македонија се одржаа и други европски и светски првенства во поединечни спортови, голем број младински континентални и светски првенства во повеќе екипни и поединечни спортови (за мажи и за жени), неколку сениорски европски клупски купови во шах (соодветно на Лигата на шампионите во фудбал)… И тоа се само некои од првенствата доделени на Македонија од меѓународните спортски институции.

Само некои од ефектите, оние највидливите, се изградени објекти за некои од овие настани, како, на пример, лизгалиште за Мундијалот во хокеј на мраз, спортска сала за Светското кошаркарско првенство, хотели за Шаховската олимпијада, новите спортски сали, стадионот… Секако, при организацијата на вакви големи спортски случувања е неопходна и друга инфраструктура, изградба на нова или модернизација на постојаната, што, секако, се случувало за соодветните натпревари. Згора, секој од овие настани во Македонија донесе и голем број луѓе надвор од спортските терени, како гости, официјални лица, гледачи…, сето тоа заедно за значителен економски ефект, а сите тие покрај учество или посета на спортскиот настан, ја запознаваат и Македонија.
Сево ова спаѓа во еден вид спортски туризам, еден од најбрзорастечките сектори на туризмот, според некои процени, глобално вреден неколку стотини милијарди долари, а проценето на над еден трилион долари до 2030 година. „Спортските настани од различни видови и големини привлекуваат туристи додека учесниците или гледачите и дестинациите се обидуваат да додадат локални вкусови за да се истакнат и да обезбедат автентични локални искуства. Спортските меганастани, како олимпијадите и светските првенства, можат да бидат катализатор за развој на туризмот, развојот на инфраструктурата и другите економски и социјални придобивки“, пишува, меѓу другото, Светската туристичка организација, специјализираната агенција на Обединетите нации.
Туризмот со спортски настани се однесува и на луѓето што ја посетуваат земјата за да гледаат спортски натпревари, како во моментов за Европското првенство во Македонија. Организацијата на вакви врвни сениорски спортски настани е важна и од овој аспект, кога Македонија аплицирала и добила домаќинство, а за спортскиот туризам е важно и негувањето, но и воведувањето нови традиционални спортски приредби. Во светот тоа се, на пример, во тенисот гранслем-турнирите, трките во Формула 1, скијачките, атлетските, велосипедските трки, финалињата на континентални првенства во повеќе спортови… Во Македонија, тоа се, меѓу другите, атлетскиот и пливачкиот маратон, кајакарскиот ИКАС, боксерскиот „Златен гонг“, ракометниот турнир во Струга, одбојкарскиот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ и други. Со организација на спортските настани се добиваат туристи за спортскиот настан, гледачи, но спортски туристи се и активните учесници, професионалци или рекреативци, како, на пример, за атлетскиот или за пливачкиот маратон во Македонија.

Организацијата на големите натпревари чини, но е и влог, оти потоа, секако, со прецизни процени, тоа носи и голема бенефиција, директна и индиректна. Добро би било спортската и друга инфраструктура во Македонија дополнително да се обновува, да се гради нова, за Македонија да биде секогаш подготвена да аплицира за домаќинство на нови регионални, европски или светски настани, домаќинство што низ годините секогаш го оправдувала.

[email protected]