Алијансата за борба против пиратеријата (АЦЕ), по долготрајна борба, успеа да ја затвори страницата „Екстрим даунлоуд“, која постоеше петнаесет години и бележеше околу 15 милиони посетители месечно.
Овој сервис беше втора најпопуларна пиратски интернет-страница во Франција, од каде што беше иницирана акцијата за нејзино затворање, пишува „Баг“.
Таа често менуваше домени, избегнуваше блокирање на француските интернет-провајдери и деиндексирање од „Гугл“ и на крајот „падна“ кога беше откриен главниот оператор на страницата. Тој беше идентификуван како Тунижанец, кој со страницата управувал од местото Хоумт Соук, на тунискиот остров Џерба. Откако бил откриен, сопственикот на страницата му ги предал сите свои домени на здружението АЦЕ.
„Екстрим даунлоуд“ нудеше повеќе од 40 илјади наслови, различни филмови и серии. Услугата бележеше меѓу 14 и 15 милиони посети месечно, а освен Франција, најголем сообраќај генерирале корисници од Белгија, Канада и Швајцарија.
Успешната акција во здружението АЦЕ беше прогласена за голема победа за заштита на авторските права во франкофонските земји.